• сабота, 23 ноември 2024

Од 3 октомври во Драмски театар започнува регионалниот театарски фестивал „РУТА“

Од 3 октомври во Драмски театар започнува регионалниот театарски фестивал „РУТА“

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Во Драмски театар од 3 до 8 октомври ќе се одржи театарскиот фестивал „РУТА“, кој претставува Регионална унија на театри, составена од шесте театарски куќи од регионот, МГЛ Љубљана, Театарот Улисис, Загреб, Камерен театар 55 од Сараево, Градски театар од Подгорица, Драмски театар од Скопје и Белградско драмско позориште.

-Унијата претставува, за секој од нас посебно, еден пресек на вкупните театарски состојби на просторите од поранешна Југославија. Тоа нас како театарска куќа ни дава можност да ја спроведуваме нашата креативна енергија, да правиме споредби до каде се другите, а до каде сме ние во однос на нив, но она што е најважно е дека се отвораат вратите за нашите уметници, за нашите креативци, на простори кои што се повеќе од територијата на Република Македонија, рече на прес-конференцијата одржана во Драмскиот театар, актерката Софија Куновска.

Во текот на една календарска година ќе се одржат 6 фестивали во сите земји-членки на унијата. Секој театар може да настапи со претстава по сопствен избор. Фестивалот има ревијален карактер и една од целите е во текот на годината да се задржи континуираното присуство на овие театри пред домашната публика.

Фестивалот ќе биде отворен на 3 октомври со премиерна изведба на претставата „Фирма“, во продукција на НУ Драмски театар - Скопје, во режија на Нела Витошевиќ, потоа на 4 октомври ќе се одигра претставата „Декамерон“ - Градско позориште Подгорица, Црна Гора, во режија на Дејан Пројковски, ден потоа претставата „Нора“ - Местно гледалишче Љубљана, Словенија, во режија на Нела Витошевиќ, на 6 октомври „Син“ - Камерни театар 55, Босна и Херцеговина, па „Самрак на боговите“ - Београдско драмско позориште, Србија, во режија на Јагош Марковиќ и за крај на 8 октомври фестивалот ќе биде затворен со претставата „Отело“, во продукција на Театар Улисис, Хрватска, во режија на Оксана Дмитриева.

-Сите претстави имаат еден заеднички именител, а тоа е потребата да се потсетува одново и одново на состојби и случувања кои никогаш не треба да бидат заборавени. Одново и одново треба да се потсетуваме на ужасот на фашизмот и нацизмот, одново и одново треба да бидеме разумни за позицијата на жената во општеството, да се потрудиме да ги почитуваме нашите деца како да израснале во здрави личности, да ја победиме осаменоста која е производ на капитализмот. Тематики и наративи кои реферираат на состојби денес и сега и кои се провлекуваат како состојби од минатото. Овие состојби упорно се провлекуваат низ времето, а ние треба да бидеме уште поупорни посочувајќи со прст на нив, бидејќи театарот мора да биде место каде што треба да се проовори, да се дејствува, да се постави прашање, рече в.д. директорката на Драмскиот театар, Викторија Рангелова Петровска.

Билетите ќе се продаваат по цена од 1000 и 1200 денари, во зависност од местоположбата на седиштето. Според програмата на фестивалот, секоја од вечерите, претставите ќе започнуваат од 20:00 часот. После секоја претстава, вели Рангелова Петровска, ќе се организираат округли маси, кои ќе бидат отворени за јавноста, каде што публиката ќе има можност да се запознае со актерската екипа, да се поставуваат прашања и да се отвори дискусија за претставата. ра/ац/

Фото: МИА 

Остани поврзан