• среда, 25 декември 2024

Од утре 35. издание на Саемот на книга, годинава фокусот на важноста на мајчиниот јазик

Од утре 35. издание на Саемот на книга, годинава фокусот на важноста на мајчиниот јазик

Скопје, 3 мај 2023 (МИА) - Богата седумдневна програма со над 60 издавачки куќи и со присуство на домашни и странски автори најавуваат организаторите на годинашното издание на Саемот на книга, кој почнува од утре а ќе се одржува до 10-ти мај во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. На Саемот се очекува бројот на посетители да се искачи и до 30 илјади, како пред пандемичниот период. 

На денешниот брифинг со новинарите, организаторите информираа дека во рамките на неколкудневната програма на јубилејното 35. издание на Саемот, се очекува присуство на голем број интересни автори, со промоција на нови книги во официјалниот Промотивен центар во Арената, а секако и на штандовите на издавачите се најавуваат едукативни работилници и цртање за најмладите посетители, како и средби со автори и потпишување книги.

-Ако минатата година Саемот на книга го посетија само 24 илјади посетители, годинава се очекуваат 30 илјади посетители. Она што успеавме да го направиме годинава и што ќе биде веројатно позитивно изненадување за љубителите на книга е тоа што и техничкиот дел на арената е подготвен така да биде претставен како вистинско саемско доживување, што значи нема да бидат видливи седиштата или оној дел од салата кој е наменет за други настани, туку ќе бидат прилагодени, рече Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем.

Една од главните цели на годинешното јубилејното 35. издание на Меѓународниот Саем на книга е одбележување на важноста за зачувувањето на мајчиниот македонски јазик, како главен идентитет на народот, а за истото, програмата на Саемот ќе се фокусира и на активност и програма која ги слави познатите легенди, кои имаат оставено значителен печат во македонската книжевност.

На 5 мај, во петок, ќе биде организирана трибина во организација на Македонската асоцијација на издавачи по повод Денот на македонскиот јазик.

-На вториот ден на Саемот, бидејќи е ден на македонскиот јазик, заедно со Македонската асоцијација на издавачи договоривме да имаме трибина која почнува во 12 часот, а поканети се и средните училишта со состави на теми за македонскиот јазик. Во салата ќе има цитати од наши и странски автори и се надеваме дека ќе биде на задоволство на големиот број на публика која ќе присуствува, додаде Глигоровска.

Брифинг по повод Саем на книга ФОТО/МИА

Бојан Саздов од Македонска асоцијација на издавачи на брифингот посочи дека станува збор за најважен книжевен настан што се одржува во континуитет.

-Ова за издавачите е една од најважните настани. Ова е најважен книжевен настан, но важен е и како културен настан во нашата држава, а самиот континуитет ја прави манифестацијата за почит. Со нашите заложби и напори се обидуваме секоја година да го издигнеме на уште повисоко ниво, рече Саздовски.

Како што информираа организаторите, цената на редовна влезница ќе изнесува 80 денари, а 50 денари по лице ќе изнесува цената за организирани групи ученици. Билетите ќе бидат достапни за купување на влезот на арената, а за сите љубители на дигиталните услуги, сите заинтересирани ќе можат да ги набават своите билети за саемот и онлајн преку „Karti.com.mk“.

Покровител на Саем на книга традиционално е Министерството за култура. бт/нд/

Остани поврзан