• сабота, 21 декември 2024

Од наредната недела во Кичево почнува обука на кандитатите за негуватели за помош и нега на стари лица

Од наредната недела во Кичево почнува обука на кандитатите за негуватели за помош и нега на стари лица

Кичево, 27 април 2021 (МИА) - Во Општинската организација на Црвениот крст Кичево од наредната недела ќе започне обуката на 30 кандидати, кои се примени на конкурсот за негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост.

Како што најавија од ОО на Црвен крст, теоретскиот дел од обуката ќе се изведува онлајн, додека практичниот дел ќе се спроведе во просториите на Општинската организација во Кичево со дневна динамика од три до четири часа.

-Во текот на наредната недела ќе започне обуката за негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост. На обуката ќе учествуваат 30 лица кои се примени на овој конкурс, од кои 20 лица се од Кичево и 10 од Македонски Брод, рече Јане Кочоски и појасни како ќе се одвива семинарот во теоретскиот и практичниот дел.

Теоретскиот дел од обуката ќе се изведува онлајн, додека практичниот дел ќе се реализира во просториите на Црвениот крст со целосно почитување на протоколите за заштита од Ковид-19.Во практичниот дел од наставата заинтересираните ќе бидат поделени во пет-шест групи, за да нема поголема концентрација на лица на едно место, а оваа обука ќе ја изведат еден дефектолог, социјален работник, лекар и демонстратор.

Според прелиминарниот план лицата во текот на секоја недела три-четири дена ќе бидат вклучени во обуката по три-четири часа, во период од околу три месеци.

Тој потсети дека лицата кои успешно ќе ја минат оваа обука, која е бесплатна, ќе се здобијат со меѓународно признат сертификат за негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост.

Во исто време, тие во период од 18 месеци ќе имаат обврска да соработуваат со Црвениот крст, за што ќе добијат и одреден материјален надомест, а по истекот на овој период, тие ќе можат да се вработат и во некои геријатриски центри, домови за стари лица и болници во земјава и во странство. за/сст/

Остани поврзан