• вторник, 19 ноември 2024

Одложено судењето Левица против Канал 5, од политичката партија има волја за помирување

Одложено судењето Левица против Канал 5, од политичката партија има волја за помирување

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) – Судењето за случајот во кој политичката партија Левица ја тужи новинарката Михаела Димовска, уредникот Гоце Михајловск и трговското друштво Канал 5 за неовластено објавување личен запис се одложи поради отсуство на законскиот застапник на партијата, Димитар Апасиев.

Законскиот застапник на Левица, адвокатката Тамара Велковска, на денешното рочиште изјави дека Апасиев е отсутен поради присуство на седница во Собранието. Таа, исто така, посочи дека кај тужителот постои волја за помирување под одредени услови. Тужените, од друга страна, денеска посочија дека не сакаат помирување. 

Како што информираше судијката Даниела Алексовска, отсуството на Апасиев, оневозможува да се одржи рочиште за помирување. 

- Потребно е да се одржи рочиште за помирување, но како на денешното рочиште не е присутен приватниот тужител, туку само неговиот полномошник, нема услови за да се одржи помирување, рече судијката. Рочиштето се одложува за 19 ноември во 12:30 часот, рече судијката. 

Тужените се товарат дека, како соизвршители, во вестите на „Канал 5“ противзаконски објавиле интерен партиски документ со степен на дверливост класифициран како деловна тајна, при што, според Левица, умислено го сториле кривичното дело „Неовластено објавување личен запис“, казниво по член 148 од Кривичниот законик.

Според тужените, тужбата е неоснована и претставува политички притисок врз медиумите. Нивните очекувања се дека институциите, како што посочија, „ќе си ја завршат работата“ и случајот ќе заврши во нивна полза. 

Драган Секуловски од Здружението на новинарите на Македонија, кој беше присутен на денешното рочиште, изјави дека станува збор за непринципиелен и непримерен однос.

- Очигледно целта не е да се добие правда, целта е да се направи притисок на слободната мисла и новинарите. Ова е шанса на судот да направи проценка дека станува збор за злонамерна тужба и да ја отфрли и така да ги демотивира потенцијалните тужители дека можат да тужат за вакви банални работи, рече тој. ар/нд/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан