• понеделник, 23 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
10 мај 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 27 април. Денеска е Св. апостол Симеон, епископ Ерусалимски. Свршеникот на Дева Марија, Јосиф, имаше брат по име Клеопа кој живееше во Ерусалим. Во неговото семејство се родија двајцата браќа Јаков и Симеон, кои подоцна еден по друг беа првите ерусалимски епископи. Свети Јаков го убија ерусалимците во 62 година, а по неговата смрт за црквата во градот се грижеше брат му Симеон. Во 70 година, кога Римјаните го нападнаа Ерусалим, епископот се повлече заедно со целата тамошна црква во градот Пела, од другата страна на Јордан. А кога Римјаните ја освоија цела Јудеја почнаа да ги гонат Давидовите потомци, за да спречат некој од нив да подигне бунт против освојувачите. Така и овој престарен човек кој тогаш имаше 120 години го доведоа под стража во Ерусалим, барајќи од него да се откаже од Христос. Старецот ги презре сите закани, ветувања и мачења и најпосле беше распнат на крст во 107 година. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Антонин. На 16 -годишна возраст стапил во редот на Доминиканците. Завршил право. Го применувал животното мото: "Постои само еден единствен вистински начин на владеење, а тој е да му се служи на Господ". Како бискуп на Фиренца, проповедал секоја недела и секогаш бил подготвен да разговара со секого. Им помагал на болните луѓе и на сиромашните. Умрел во 1459 година во Фиренца. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19 часот и 48 минути, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 20 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан