• петок, 08 ноември 2024

Одбележување на 118 години од Крушевската република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ

Одбележување на 118 години од Крушевската република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ
Скопје, 2 август 2021 (МИА) – Сто и осумнаесет години од Крушевската република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ се одбележуваат денеска на на 2 Август – Денот на Републиката. Со Илинденското востание и Крушевската република во 1903, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година со Првото заседание на АСНОМ беа поставени столбовите на Републиката и на државноста. Институциите ја објавија агендата за денешното чевствување, според која оваа година премиерот Зоран Заев ќе одржи говор во Пелинце, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе се обрати на настаните организирани во Скопје, а претседателот на државата Стево Пендаровски ќе присустува на манифестацијата во Крушево, но како што најави нема да одржи политички говор и подоцна во текот на денот во Крушево ги повика да присустуваат претставниците на државниот врв, но и лидерите на сите парламентарни политички партии. Шефот на државата во петокот на брифинг со новинари напомена дека ќе направи обид за едно поинакво празнување на Илинден, што го означи како обид за обединување. Најави дека на централната манифестација во Крушево во 18 часот ги поканил претставниците на државниот врв, но и лидерите на сите парламентарни партии. Истакна дека оваа година нема да одржи политички говор на Мечкин Камен, туку ќе има кусо видео-обраќање по повод Денот на Републиката. Според шефот на државата она што досега се случувало во Крушево е повеќе разединување отколку обединување, следејќи ја целата досегашната пракса на прослава на државниот празник. Поканата ja прифатија претставниците на државниот врв, меѓу нив Заев, кој заедно со министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од Пелинце ќе заминат за Крушево. Поканата ја прифатил и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема да замине за Крушево, туку најави дека традиционално 2 Август ќе го помине во населеното место Ташмаруништа, во близина на Струга. Новиот концепт на прослава на Илинден инициран од претседателот Пендаровски, тој го нараче импровизирано чествување на најголемиот празник на македонскиот народ, кој според Крушевскиот манифест, вели, е и празник на нашите сограѓани без разлика на етничката припадност. – Дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Пендаровски нема да биде делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, изјави вчера Мицкоски. Шефот на државата вчера со писмено соопштение изреагира на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во кое наведе дека е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на господинот Мицкоски, според која чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде „циркуски церемонијал“. – Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани, со целосно потценување на фактот дека државна делегација на чело со претседателот Пендаровски ќе положи венец и свежи цвеќиња на гробот на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев, на паметникот на хероите на Слива и на самиот Мечкин Камен, а ќе биде присутен и на Панихидата во чест на хероите и нивното дело во црквата „Св. Никола“, се наведува во реакцијата. Пендаровски изрази жалење што неговиот искрен обид за надминување на длабоките политички разлики барем на Илинден не беше разбран од дел од политичките лидери за кои партијата е сѐ уште пред државата. Во Крушево сепак ќе има делегација на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе биде предводена од потпретседателот на партијата Александар Николоски, но таа нема да присустува на централното случување кое е закажано за 18 часот. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево во 11:30 часот ќе положат цвеќе на гробот на Никола Карев, а потоа во 12:15 часот ќе положат цвеќе на споменикот на месноста „Слива“. Одбележувањето на празникот ќе почне со настаните во Скопје, во организација на Собранието со почеток во 9:00 часот. Собраниската делегација, која ќе ја предводи Џафери ќе положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев. Програмата во Скопје потоа продолжува со обраќање на претседателот на Собранието и со празнична културно-уметничка програма. Владината делегација во Скопје ја предводи министерот за здравство Венко Филипче, заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска и заменик-министерот за правда Агим Нухиу. Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во чест на Првото заседание на АСНОМ со почеток во 09:45 часот. Делегацијата ќе ја предводи Заев, придружуван од Груби, Николовски, Спасовски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Програмските содржини во Пелинце започнуваат со положување на свежо цвеќе на споменикот пред Меморијалниот центар, по што ќе започне првиот дел од пригодната празнична културно-уметничка програма. Потоа следува обраќање на премиерот Заев и завршниот дел од културно-уметничката програма. Државните почести по повод Денот на Републиката во Крушево, во организација на претседателот Пендаровски започнуваат со панихида во храмот Св.Никола во 10:20 часот, по што ќе следува полагање цвеќе на гробот на Никола Карев, празнична програма пред споменичниот комплекс Македониум и полагање цвеќе на споменикот на хероите на Слива. Владината делегација во овој дел од програмата ја сочинуваат министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за локална самоуправа Горан Милески, и заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани. Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август – Денот на Републиката ќе започне во 18 часот на Мечкин Камен со поздрав на илинденската коњаница проследена со костимирана придружба, поздрав на Армијата на Република Северна Македонија и со полагање на цвеќе и венци на споменикот на Мечкин Камен, по што ќе следува празничната културно-уметничка програма посветена на двата Илиндена.

Во рамки на културно-уметничка програма на која ќе настапат ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, ансамблот на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, Влатко Стефановски и настап на воениот оркестар на Армијата. Во рамки на културно-уметничката програма, Никола Ристановски ќе одржи пригодна реч со пораки за Илинден.

Програмата за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа и традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар. Програмските содржини во Смилево почнуваат со положување цвеќе на могилата Даме Груев, споменикот на Смилевските илинденци и спомен плочата на Смилевскиот партизански одред во девет часот, по што следува посета на Меморијалниот музеј и положување цвеќе на споменикот на Даме Груев. Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија во Смилево ја предводи заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање  Христина Оџаклиеска, наведуваат од Владата. Во 1903 година почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден. Околу 800 востаници го ослободиле  градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република. Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија. ац/

Остани поврзан