• сабота, 23 ноември 2024

Одбележана 30-годишнината од првиот број на македонскиот весник „Преспа“ 

Одбележана 30-годишнината од првиот број на македонскиот весник „Преспа“ 
Пустец, 8 април 2023 (МИА) - Во присуство на поголем број гости и жители на општина Пустец денеска беше одбележана 30-годишнината од првиот број на македонскиот весник „Преспа“.
 
За тридецениското опстојување на весникот, почетоците и проблемите со кои се соочувала редакцијата на весникот зборуваше уредникот Ефтим Митревски. На свеченоста присуствуваше и македонскиот амбасадор во Тирана Данчо Марковски, градоначалникот на Пустец Пали Колефски, синот на познатиот писател Стерјо Спасе, Илинден Спасе, претседателот на македонската партија МАЕИ, Васил Стерјовски и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
 
Димитриевски од Мала Преспа порача дека Северна Македонија мора повеќе да се грижи за своите граѓани надвор од границите на државата. Оцени дека нашата држава е должна да помогне и оти тој како локална власт во најитен можен период ќе изнајде начин за повисоко ниво на соработка со локалните власти овде и дополнително ќе очекува одредени идеи што ќе стигнат од нив. 
 
-Но, она што ќе кажам за Македонците овде едноставно сум импресиониран од нивната заложба за зачувување на македонизмот на овие простори и тоа го поздравувам. Многумина од Македонија можат да учат од нив, рече Димитриевски.
 
Присутните ги поздрави и Стерјовски во името на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
-Денеска е ден за славење за Македонците во Албанија. Дене се прославува 30 години од основањето на првиот печатен весник на македонски јазик во Албанија, весникот „Преспа“. Весник кој го основа Спасе Мазенковски и кој се вгради себеси во весникот се до денот кога прерано не напушти, на 30 мај 2018 година, оставајќи неизбришливи траги во историјата на Македонците во Албанија, рече тој.
 
Според него весникот „Преспа“ ја поврза својата судбина и живот со животот и судбината на Македонците во Албанија и успеа да стане глас на Македонците во Република Албанија. „Преспа“ во изминатите 30 години опфати теми од сите области на животот на Македонците во Албанија давајќи голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците.
 
- Тој е весникот со кој пораснавме. Секој број на весникот „Преспа“ со нетрпение се чекаше од читателската публика, без разлика на возраста. Историјата на весникот „Преспа“ е историја на македонскиот народ во Албанија. Овој весник, кој беше прв весник на македонски јазик за Македонците во Албанија, имаше големо значење за заштитата на македонската култура, традиција и идентитет на Македонците во Албанија. Тој не само што не информираше со најновите вести и информации од македонската заедница, туку и го потенцираше значењето на нашата култура и идентитет во албанското општество, посочи Стерјовски.
 
Кажа дека Македонците во Албанија се соочуваа со многу предизвици во минатите години, но „Преспа“ им беше прекрасен извор на поддршка и инспирација. Овој весник, како што рече, ни даде глас, и ни помогна да се слушнеме и разбереме ние Македонците во Албанија.
 
- Да се опстои 30 години без никаква финансиска поддршка од државните институции на Албанија, низ сите предизвици кои минале и се уште минуваат Македонците во Албанија, а заедно со нив и „Преспа“, е навистина голема и одговорна работа и за тоа треба да се заблагодариме на сите кои дале свој придонес да не згасне овој весник. Честитки за главниот и одговорен уредник Ефтим Митревски и целата редакција на весникот „Преспа“. Да славиме уште многу јубилеи на „Преспа“ и сите заедно да продолжиме да го одржуваме овој македонски бренд во Албанија, посака Стерјовски.
 
 
Гостите, претставниците на општина Пустец и членовите на редакцијата на весникот направија  обиколка на музејот посветен на Стерјо Спасе во неговото родно  село Глобочани.  вт/мд/

Остани поврзан