• понеделник, 23 декември 2024

Овации за маестра Дијана Имери Илкоска во Софија

Овации за маестра Дијана Имери Илкоска во Софија

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - По неодамнешниот успех во Грузија, нашата реномирана диригентка маестра Дијана Имери Илкоска, продолжува со нови меѓународни претставувања. Неодамна настапи со Софиската филхармонија како гостин-диригент на концертот „Виолините на Бах“, на кој како солистки се претставија реномираните виолинистки Зорница Иларионова и Божидара Кузманова.

Илкоска одново ја покажа својата „енергична, храбра, страствена и уникатна музичка експресија“ во својата работа со овој престижен оркестар, во чија актуелна сезона настапуваат светски реномирани ѕвезди од класичната музичка сцена.

Стручната критика, нејзиниот настап го нарече „величествен“, а дополнителна потврда за тоа беа стоечките овации од многубројната публика присутна во сала „Бугарија“.

Пред софиската публика биле изведени три капитални дела од творештвото на Јохан Себастијан Бах - Концертите за виолина и оркестар бр.1 во a-moll и бр.2 во E-dur, како и Двојниот концерт во d-moll.

- Во оживувањето на овие партитури, маестра Илкоска покажа почитување кон карактеристичниот барокен стил на изразување, особено на Баховиот композиторски печат, кој останува автентичен и препознатлив по скоро три века. Истовремено, таа успеа да внесе сопствена интерпретација на овие дела со карактеристичен звук на оркестарот кој станува нејзин препознатлив потпис, пишува музикологот Тина Иванова.

Маестра Илкоска е основач и главен диригент на Камерниот оркестар „ИД“, а во досегашната кариера соработувала со реномирани оркестри меѓу кои и со: Tbilisi Youth Orchestra, Дубровачкиот Симфониски оркестар, Оркестарот и Хорот на БНР, Националанта опера и балет, Симфонискиот и камерен оркестар на ФМУ, Националната филхармонија... мд/са/

Фото: Тина Иванова 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан