• сабота, 27 јули 2024

Обука за подобрување на здравјето на учениците средношколци во Делчево

Обука за подобрување на здравјето на учениците средношколци во Делчево

Делчево, 7 јуни 2024 (МИА) - Во организација на Здружението на производители на органски производи ,,Аронија" од Делчево, денес во Средното општинско училиште „Методи Митевски - Брицо" се одржа обука на тема ,,Подобрување на здравјето на ученици-средношколци" и значењето на живата растителна храна во исхраната на консументите. Со активноста беа опфатени средношколци од трета година од Средното општинско училиште во Делчево.

-Во рамки на обуката на најдиректен начин на средношколците директно им беше презентирано како се подготвува здрава храна, се со цел да почнат учениците сами да ја подготвуваат таквата храна која има огромен бенефит врз нивното здравје, истакна Фиданчо Христов, претседател на здружението Аронија.

Предавачи на обуката беа Милена и Никола Димовски кои учесниците на обуката ги запознаа со начинот на подготовка на храна, значењето на живата храна врз здравјето на луѓето и интелектуалната и физичката моќ на консументите.

-Јас и мојот сопруг од пред 12 години ја сменивме исхраната, во повеќето или во 90 проценти од случаите во Македонија луѓето почнуваат кога некој ќе се разболи. Ние како физички битија на ова тело прво мора да дишеме чист воздух, потоа мора да му обезбедиме мирен сон и да му дадеме  доволно сончева светлина. Следното нешто е храната, за жал маркетиншкиот притисок што се врши врз младите луѓе настанува дегенерација, истакна Димовска.

Активноста е финансиски поддржана од Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип од проектот ,,Направи разлика - Направи промени" финансиран од Американската агенција за развој УСАИД. вс/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан