• сабота, 23 ноември 2024

Обраќање на Христијан Мицкоски на годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ

Обраќање на Христијан Мицкоски на годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ
20 ноември 2022 Мицкоски на годишната конференција на УМС: Бидете бестрашни борци за идеалите за кои вреди да се борите, тешко ми е кога гледам дека главниот протест е за оброк кој владата им го зема од уста, додека младите во Берлин, Лондон, Париз протестираат за широки општествени теми Добар ден почитувани присутни! Добар ден за Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, најсилниот политички подмладок во земјава! Почитувани членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Почитувани пратеници и членови на другите органи и тела во партијата, Почитувани гости, Драги пријатели, Почитувани претседатели на партиите кои што сте дел од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Драги браќа и сестри! Честа е голема и со особено задоволство се обраќам на оваа нова годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. И ова го правам со чувство на почит и голема емоција бидејќи повеќето од нас потекнуваат токму од оваа Унија. Тоа се првите наши чекори, првите допири со политиката, првата шанса да се учествува во процесите за менување на реалноста, првите обиди да го дадете вашиот влог кон татковината, првото вистинско запознавање на организацијата во која постои духот на столетната борба за Македонија, со задоволство се раскажуваат битките за идеите, големата пожртвуваност и преданост кон делото кое кратко се опишува со буквите кои се посебен код за Македонецот и ги изговараме со особена почит и емоција - ВМРО. И ВМРО тогаш и ВМРО-ДПМНЕ денес не би било толку силно, ако го нема потенцијалот, силата на прогресот, идеите срочени во младите луе. И кога зборувам за Унијата на млади сили не мислам само на младите луѓе како индивидуи подготвени да разменуваат идеи и да реализираат свои креации и замисли, туку и како луѓе кои се идниот столб на партијата во чија најдлабока суштина е развојот на Македонија, иднината на нашата татковина, нашите животи, и нашите семејства. И во таа смисла Унијата на млади сили е и ЕНЕРГИЈА, Унијата на млади сили е и НАДЕЖ, и Унијата на млади сили мора да биде сигурна ИДНИНА. Иднина за која ќе се избориме и иднина што ќе ја заслужиме. И немојте да живеете со помислата дека постои нешто како незаслужена победа. Таа мора да дојде со многу труд, со многу посветеност и низ еден процес за постојани битки и докажувања, на константен натпревар и вложување. И ќе бидете успешни само доколку бидете свои, ќе бидете носители на развојот само доколку влезете со целото срце и енергија за да го постигнете успехот што го посакувате. Нам не ни требаат луѓе што ќе климаат со главите и ќе го потврдуваат мислењето на соговорникот, туку кои ќе покажат пркос и аргументи, не дебата на голи фрази, туку решителност поткрепена на знаење и идеи. Таквото УМС утре може да ја движи Македонија. И на тој план и за таа цел ја имате мојата поддршка, мојата рака дека тука сум со вас за секој сон кој треба да стане реалност, заедно да го изградиме, и вие да го живеете, затоа што вашето време доаѓа. Сосема е извесно дека работите се прекршени и дека одговорноста за државата ќе припадне на ВМРО-ДПМНЕ и оваа нова генерација која мора да биде подобра од сите претходни во Македонија за да истата таа биде успешна. На минатогодишната конференција зборував пред вас дека сме пред голема историска победа на локалните избори и благодарение на вас, таа победа се случи и во првиот и во вториот круг и оние луѓе ги видовте позади вас пред неколку десетици минути денеска се градоначалници, советници, претседавачи на Совети и извршуваат големи и значајни позиции во рамките на Општините каде што ВМРО-ДПМНЕ ја практикува локалната власт. Сега стојам пред вас и ви велам дека сме пред голема историска победа на следните предвремени парламентарни избори. Почитувани присутни, Не е прашањето дали ќе падне оваа власт, туку кога ќе бидат изборите за да оваа власт се смени односно да биде декласирана. И затоа тоа преземање на одговорност мора да биде одлучно и веднаш да се покажат резултати. Во средиштето на тие промени за подобра иднина се младите и затоа велам дека вашата шанса допрва доаѓа. Затоа што доста во оваа држава се зборува за младите, без да им се даде шанса, доста се прават планови за вас ама без вас. И затоа е важно младите што помасовно да се вклучат во оваа политичка битка и лично да ги менуваат работите. Не преку други, не да се чека други да се изборат, туку вие со име и со чест да влезете и да се борите за работите што сакате да ги смените. Само така вашиот глас ќе биде погласен, само така промените ќе бидат посилни и само така заедно ќе се избориме за иднината на Македонија. Да се биде млад не е само привилегија, туку и одговорност, неповторлива шанса која мора да ја зграпчите, но и да ја искористите. Дваесетина години од сега да им кажете на вашите поколенија – да, јас бев дел од генерацијата што ги донесе промените и ја заслужи победата. Само така ќе бидете сопственици на своите победи, заедничкиот успех и носители на времето за кое се борите. Нема поголема загуба од залудно потрошен талент. Ако независна Македонија овие 32 години беше човек, тој сигурно е човек обземен од апатија и несигурност. Деведесетите години кога тој човек проодуваше, кога трагаше и мечтаеше за светот покрај него, кога очекуваше големи работи, се случуваа и големите земјотреси, транзицијата и приватизацијата, раскрчмувањето на капиталот, пропаѓањето на компаниите, зародишот на она што денес се вика олигархија, големите и црни денови за нашиот народ и нашата Македонија. Првата декада од независноста го разора сонот со кој се роди тој човек. Во втората декада дојде воениот конфликт, внесената несигурност и одземената доверба едни меѓу други. Следната декада помина во внесување на омраза, силна фрагментираност и поделеност на општеството. Процес на обезличување, деградирање на моралните вредности и една општа апатија како убиец и на најситниот атом кој сака да пружи отпор. Младиот човек кој на почетокот во деведесетите години сонуваше, денес е изморен од чекање и се чувствува поразен. И не така млад, затоа што 32 години ги помина во живеење на некакви туѓи битки, исполнување на поинакви желби од колективните, исполнувајќи ја туѓата лична среќа, за сметката да биде за жал заедничка. И затоа велам нема поголема загуба од залудно потрошениот талент. И затоа овие неколку години многу грчевито, многу бавно, но и многу сигурно ја создаваме искрата надеж, која почнува да се распламтува и да гори. Македонија е жива и ќе биде на нозе и да ја вратиме на патот по кој се остварува сонот. И тој пламен треба да биде силен оган на енергијата што ќе ги донесе промените кои ќе ја создадат новата иднина во која сите заеднички веруваме. Да нема повеќе луѓе со залудно истрошен талент, да нема нови млади луѓе што ќе ги разочараме, туку токму младите да се борат заедно со нас, рамо до рамо и заедно да го издвојуваме вашиот сон. Кога веќе сите ние ја пропуштивме шансата да се изгради држава за која метчаевме, мојот сон драги членови на Унијата на млади сили е вашата иднина, вашите верувања и остварување на вашиот сон. Е за ова денес вреди нашата борба. За младите луѓе, заедничката среќа и вредностите во кои веруваме. Сергеј, како прв меѓу еднаквите, како претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, ја имаш мојата доверба и сите вие ја имате мојата благодарност за посветеноста и поддршката за актуелните и идни наши заеднички заложби за победи, за менување на процесите, за создавање на иднина. Бидете авангардата, промената што сакате да ја видите. Бидете бестрашни борци за идеалите за кои вреди да се борите. Нам не ни требаат млади луѓе што ќе глумат возрасни, туку млади луѓе што ќе ги носат процесите, баш онакви какви ги замислуваат. Ни треба движење кое ќе ги вклучи обесправените, вредните, понижените од оваа грда реалност, паметните млади умови, на едно место да се истури целиот креативен потенцијал кој ќе биде вложен за каузата за која се бориме. Македонија која нема да биде со забревтан здив, уморна од чекање, фрлена на колена и на маргините како денес, туку Македонија на нозе, со силни чекори напред, која подава рака на оние што вредат, која ќе е колевка на развојот, земја која ќе обезбедува иднина, земја која што ќе носи прогрес. Тоа време доаѓа. Тоа време еве го пред нас и за таа цел оваа влада мора да падне. И ќе падне, за да се исправи Македонија. Ќе падне за да оди Македонија напред. Ќе падне за да остане Македонија сочувана и нашиот сон и нашата иднина во неа, во нашата заедничка Македонија. Драги пријатели, Народот доживува една огромна криза. Земјава е рекордер по инфлација и рекордер по индексот на мизерија. Како да се платат сметките, шоковите со цените по продавниците, маките со бизнисите, и тешките деловни односи се работите што го мачат нашето општество. На сметка на ова, Владата зборува за висока политика, симнува ѕвезди од небото, вергла како на расипана лента исти фрази, исти зборови за некаква иднина што не доаѓа. Најголемиот оцрнувач на евроинтегративните процеси е Владата и најголемиот непријател на имиџот на прозападните партнери е токму Владата која во состојба на отсуство на реформи за кои треба часови и часови работа, ги заменува со понизност и лесна рака за потпишување на сè и сешто што ќе побараат од неа, нема апетит на држава околу нас кој не го задоволија на штета на нашите национални интереси, додека потоа имаат полна уста за ЕУ правејќи криминал и криејќи белосветски пробисвети кои се на црните листи на западните земји. А, пак оние слуги притиснати до ѕид, зборувам за слугите на власта, кои мора нешто да одработат за да добијат од власта ќе фрлат по некоја димна бомба кон опозицијата колку да направат дефокус од овие вистински теми важни за народот. Многу е тешко кога гледам дека главната борба на младите во Македонија, главниот протест е за оброк кој Владата им го зема од уста додека младите во Берлин, Лондон, Париз протестираат за широки општествени теми, за повеќе права, повеќе слобода за своите врсници од Блискиот Исток или за повеќе технолошки развој, за повеќе иновации. Нашата влада им го одзема и така сиромашниот оброк кој видовме дека е сочинет од јајце и зденка, додека младите врсници од Берлин, Лондон, Париз се борат за технолошки развој и ќе повторам иновации. Мачно е кога гледам како функционери од власта се ухлебени паразити кои живеат од потта на чесниот народ и земаат илјадници евра плата, не работат ништо, а ги уживаат сите придобивки од државата. Нивните имиња не се ни знаат, но тие ги држат паразитски функциите на десетиците институции од кои дебело се платени, додека тутунарите немаат откуп, додека оризарите протестираат, додека студентите се гладни. Функционери од власта криеле имоти, луѓе од власта земаат месечна плата за која народот работи по цела година. Затоа ви ветувам и на паразитите и на тајните имоти мора да дојде крај, и во првите месеци по преземањето на власта ќе ги испитаме ситѕе овие скриени имоти и ќе бараме потекло за истите. А, оние тајни имоти нечесно стекнати во годините на криминал, истите ќе бидат одземени и парите ќе бидат вратени во буџетот, а од буџетот за народот. Тоа е она за кое што ВМРО-ДПМНЕ се залага и тоа е онаа политика за која што ВМРО-ДПМНЕ се бори. Во продолжение драги пријатели, браќа и сестри, сакам да зборувам за неколку теми. Многумина ми велат остави ја темата за Иван Ванчо Михајлов. Јас им велам, нема да ја оставам затоа што мора вистината наша да ја победи лагата на политичките измамници и медиокритети. Истите оние што не потрошиле нити пет минути да прочитаа барем две лекции од историјата на македонскиот народ и македонската организација. Истите оние кои ја имаат мувата на капата поради предавствата и понижувачките решенија кои ги донесоа, па мора да се служат со лаги, мора да се служат со подметнувања, додавања на работи кои не сум ги рекол на оваа тема за лажно да прикажат дека ВМРО-ДПМНЕ негува некаква врска со ликот чие име го носи и здружението кои тие дозволија да се отвори во градот на конзулите, во Битола. Неспорен историски факт е дека Ванчо Михајлов бил во одреден историски контекст прв човек на Организацијата, исто како што е вистина дека никогаш не сум се согласувал, ниту сум ги оправдувал неговите ставови, неговиот метод на работа и неговите позиции во однос на многу суштествени теми. А, историјата почитувани, не е послужавник со кој можете да се почестите со работите што ви се допаѓаат, а да ги негирате тие што не ви се допаѓаат. Впрочем истово ова, истиот таков фалсификат на селектирање го прави и актуелна Бугарија. Организацијата ВМРО е континуитет и на најсветлите историски синови и ќерки пред чии имиња се поклонуваме и чии дела ги славиме. ВМРО е континуитет и на Груев, на Делчев, Татарчев, Петар Поп Арсов, Сандански, Карев, Узунов, Патчев, Сугарев и плејада други херои. И јас за разлика од власта имам кристални ставови и во однос на историските прашања, и во однос на тоа кои сме и што сме. Ваквата лажна кампања против мене треба да го сокрие хаосот кој го направија во државата поради проблемот со Бугарија. Па оној несреќен Ковачевски во чие присуство јавно го понижуваат и му кажуваат членовите на партијата дека Заев им е во срцето го слушам како вели дека ВМРО било блиско до бугарската политика. Но ако ова негово тврдење беше точно, тогаш многу брзо и многу лесно ќе се договоревме со Бугарија, но наспроти тоа јас како нејзин водач и ВМРО, денешното ВМРО-ДПМНЕ сме најкритикувани во Бугарија, а Владата на СДСМ, Заев и Ковачевски првите кои се договорија прифаќајќи сè што побара Софија. Дури од таму извори велат дека Ковачевски е подобар Бугарин дури и од Зоран Заев. Барем овој претходникот глумел непопустливост и купувал неколку недели пред да стави параф на бугарскиот договор, а Ковачевски експресно без забелешки потпишувал сè што Бугарија ќе му стави на маса, и тамошната Влада, тој веднаш си седнувал и си потпишувал. Па тамошниот претседател и политичарите велеле сега му е мајката да добиеме 100-0, сето она што досега не го добивме во историска смисла на зборот, сега му е мајката. Досегашниве години власт тоа и го потврдуваат. Бугарите си имаат ас во нашата политика, неговото име и презиме се Димитар Ковачевски, кој лажно ме обвинува дека стојам зад клубовите кои се отворија и се дозволија под негова власт и во негово време. Не само што тоа не е точно, туку ВМРО-ДПМНЕ поднесе и закон за организации и здруженија за да се забранат токму овие здруженија и пропагирањето фашизам, кој власта, откако го поддржа, гледаме дека бараат точки и запирки за да се откажат од него, повикувајќи ја Венецијанската комисија да го испита, истата таа комисија чие мислење го множат со нула за многу други закони. И ако мене ме прашувате, овие здруженија треба да се затворат и поради прашањето за политички реципроцитет, бидејќи официјална Софија, официјална Бугарија веќе го затвори македонскиот културен клуб, каде што јас бев и кој што го носи името Никола Јонков Вапцаров. А, кога бугарскиов ас Ковачевски ќе говори за историски пршања, неправди и злосторства, сакам да го слушне внимателно овој повик до него. Историјата има подеми и падови, срамни и храбри страни. Такво срамно петно стои токму зад неговата партија која се прикажа за наследник на комунистичкиот режим. Истиот тој режим, и еден дел од тој политички естаблишмент направи невиден прогон врз една цела плејада луѓе кои ја сочинуваа македонската интелигенција која беше ликвидирана. Впрочем, го повикувам да излезе од удобните фотелји да прошета низ народот и да ги слушне приказните и семејните драми на многу такви семејства кои ја живееле жестокоста на таквите методи на режимот чиј наследник е СДСМ. Да слушне лично за судбината на Костадин Динката и неговиот брат Мите, едниот прогонет и убиен од бугарските окупатори, другиот од комунистичкиот режим. За ликвидацијата и голготите на Ченто, Петре Пирузе, Панко Брашнаров, Михајло Апостолски, Методија Шаторов Шарло, Благој Шамбевски, Ристо Шишков, Драган Богдановски и редица други македонски синови. Сиве овие беа прогонувани само затоа што го сакаа својот народ, и сакаа независна држава Македонија. Нема да има помирување додека нема исправање на неправдата и извинување и затоа ги повикувам Ковачевски и СДСМ како негов наследник на овој режим да го осуди таквиот прогон и да се извини за илјадниците прогонети од режимот кој го ситнеше и убиваше стремежот за слободна и независна Македонија. Ова за нас е идеолошко прашање. Не оставајте такво црно, петно и тешко братоубиствено петно да седи над вашите глави. Драги пријатели, Пред крајот сакам да зборувам за три работи. Изминатиов период имаше лидерска средба во Собранието и можам да кажам дека Македонија е уморна од состаноци на политичари во вратоврски на коишто не се носат никакви одлуки туку само се парадира, додека зад завесите се продолжува со истите погубни политики кои земјава ја тонат уште подлабоко и со уште поголема брзина. Таквиот декор продолжува неславни традиции, а не носи решенија за народот. Затоа прво сакам да зборувам за една таква лидерска средба која што скоро се одржа во Собранието. Единствената лидерска средба драги пријатели за која што можам да кажам дека ќе е потребна на Македонија која е онаа лидерска средба на која што задоволство ќе придонесам, а на која што би седнале сите општествени чинители и би разговарале за платформа за Македонија и нејзиното стратешко позиционирање во однос на отворени прашања. Во регионов и светот се случуваат сериозни преструктуирања, процеси и се искажуваат отворени аспирации за многу прашања кои не се затворени. А, ние за жал како држава се уште немаме никаква позиција, никаква шанса, ниту можност да зборуваме за истите. Па затоа во тој микро поглед секогаш се знаат и позициите на нашите соседи, додека ние повторно ја пропуштаме шансата за да фатиме чекор со процесите, заглавени во секојдневието каде се дебатира за сервираните вештачки теми на власта. Додека домот полека прокиснува, темелите се нишаат, ѕидовите пропаѓаат. Затоа на Македонија ѝ треба средба на која ќе седнат сите општествени авторитети, академици, професори, претставници на универзитети, новинари, писатели, младински лидери, на која ќе се разговара за платформа, за позиции и прашања за стратешкото позиционирање на Македонија наспроти сите предизвици, во однос на европската иднина, во однос на бугарското прашање, во однос на националниот консензус за значајните прашања што за жал го немаме, за економскиот стандард и живот. Една платформа што ќе ги обедини сите, буквално сите, а една целта ќе биде една и заедничка, а тоа е - МАКЕДОНИЈА. Македонија во која има промени, пристоен живот и иднина. Тоа е и концептот за нов општествен договор кој почива на принципите на мојата визија за заедничкиот патриотизам за кој во неколку наврати досега сум говорел. Таквиот заеднички патриотизам треба да даде одговор на сè она што како сидро нè влече надоле и да нè обедини околу желбата да се тргне напред. Да покаже дека има надеж и нашите луѓе да ги зачува во родната земја. И затоа власта не сака да говориме за ваквите теми. И затоа тие кога ќе сакаат јас да зборувам за Ванчо, ќе ги оставиме нив во историјата, а јас ќе зборувам за решенијата за сегашноста и иднината. Затоа тие ќе сакаат јас да зборувам за тоа што мислам за 2008-ма, 20012-та, за минати личности во политиката, јас ќе зборувам за генерацијата што е пред мене и што ќе треба да ја донесе иднината. Кога тие ќе зборуваат за проблеми, јас ќе зборувам за решенија. Кога тие ќе сакаат тие да донесат апатија и страв, јас ќе донесам надеж и сигурност. Македонија мора да ја менува грдата реалност. Македонија мора да донесе промени. Заедничкиот патриотизам подразбира заедничка радост за сите наши успеси и значи гасење на секоја омраза и поделба. Заедничкиот патриотизам значи на секој еден човек во секој град и село да му кажеме дека надежта е родена и дека има излез. Решението е во секој еден од нас и разликата ќе ја направиме доколку масовно се испорача гласот на народот. Сакам да зборувам за заедничкиот патриотизам каде економијата и иновациите се главните двигатели. Отворање на нови добро платени работни места кои ви ветувам дека ќе се случат. Заедничкиот патриотизам кој подразбира со младите да дебатираме за наука, за повеќе можности, прогрес, а не за висината на студентскиот оброк кој се подразбира, тоа е веќе стекнато право. Заеднички патриотизам – за да ги вратиме и да ги задржиме младите луѓе. Да се распостелат со својот талент кој не смее да е залудно потрошен. Македонија - земја на надеж и слобода, земја која мора да прави големи чекори напред. Македонија - земја на Македонци кои имаат свој заштитен идентитет, свои победи кои не негираат други права, свои извојувани битки и живот во заедништво и за заеднички цели. Заедничкиот патриотизам е новото преструктуирање кое Македонија треба да ја издвои од просечноста, да ја врати на патеките на надеж и ентузијазам ист таков каков по првите денови каков што беше на самостојноста. Заеднички патриотизам со најмалку петпроцентен економски раст кој ќе се зголемува секоја година. Наместо да ги броиме затворените работни места да се радуваме на новите фабрики, домашни и странски инвестиции. Новите бизнис-инкубатори, претприемачки иновативни центри, кои ќе го јакнат претприемачкиот дух. Заедничкиот патриотизам треба да биде "conditio sine qua non" на Македонија, надежта и есенцијата без која не се може. Главниот мотор на промените. Но тие не сакаат за ова да зборуваат драги пријатели, почитувани членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Тие за оваа теме не сакаат да зборуваат, тие сакаат да зборуваат за другата тема за која што јас ќе зборувам денеска,а тоа се таканаречените уставни измени. Зошто сакаат тие да зборуваат за таканаречените уставни измени. СДСМ знае дека тука е нејзиниот крај и знае дека после поразот на следните парламентарни избори заминува во опозиција и се става под знак прашање постоењето на оваа политичка партија, постоењето како бренд СДСМ на политичката сцена. Но, затоа пак одлучува грчевито да се бори за секој еден ден дополнителна привилегија и мачно е кога се гледа како се измеќари на Демократската унија за интеграција, да останат што е можно повеќе, ден плус, недела повеќе, месец повеќе на функциите за да можат да го крадат народот, за да можат да ја пљачкаат Македонија. Таква е СДСМ денеска. Од партија која што на почетоците можеби имаше некаква државотворност, денеска е измеќар на Али Ахмети и Демократската унија за интеграција. А кога сме кај Демократската унија за интеграција, зошто кога зборува Али Ахмети за заедништво помеѓу Албанците и реализирање на националниот интерес на Албанците тој е патриот, а зошто јас кога зборувам за македонскиот национален интерес, тогаш сум прогласен за националист. Што е разликата помеѓу едното и другото? Али Ахмети сака да зборува за европска иднина за да не зборува за живозапалените во модуларната болница во Тетово, затоа што ако не зборува за некаква си европска иднина каде што нема никакви вредности кои што ги споделува, тогаш ќе треба да зборува за трагедијата на „Беса Транс“ каде што десетици наши сограѓани го загубија својот живот затоа што некој член на Демократската унија за интеграција кој што се наоѓа на некаква важна позиција во државата дал согласност вака неисправно возило да се управува. Затоа што треба да зборува за илјадниците албанци кои што ги празнат селата во Македонија. Затоа што ќе треба да зборува за економското цунами, пљачката и криминалот кој што го донесоа во Македонија, наместените тендери, договорите во четири очи. Затоа што ќе треба да зборува, нели за зелената агенда, а од зеленото „З“ не видовме, туку напротив, избори се ближат и повторно се враќаат на веќе проверената карта, а тоа е да го делиме народот и да зборуваме за национализам. За овие од СДСМ нема да зборувам, тие секако се нивни измеќари Па кога Ковачевски не знае што да прави или оди во Зајас да праша или оди во Струмица да се советува. За жал денеска тие луѓе ја злоупотребуваат европската иднина и тие се луѓето кои што сакаат да зборуваат за промените во Уставот и вклучување на мал минимален дел на наши сограѓани кои што за себе велат дека се дел од бугарскиот народ во Преамбулата. Јасно и гласно сме кажале, јасно и гласно сме повториле, еве стојам овде пред вас и уште еднашка ќе ви кажам – нема хотел пратеници како што тоа го кажа пред некој ден Пендаровски, кои што биле убедувани во еден хотел недалеку од овдека. Сега имаме пратеници кои што цврсто стојат на својот став, и тие нема да дозволат промена на Уставот на Македонија. И да ја затвориме таа тема. И ајде од утре да зборуваме за третата тема за која што јас сакам да зборувам, а тоа е час поскоро формирање на техничка Влада и најдоцна до пролет да одиме на предвремени парламентарни избори. Не треба да се плашите, не треба да се плашите, ако народот ви верува, ако народот ви верува во ова што го работите, ако народот верува во тоа што се силите пред малубројните ваши партиски членови ширум Македонија на кои што мене и ВМРО-ДПМНЕ нѐ навредувате и Македонија ја понижувате, тогаш нема зошто да се плашите. Охрабрете се, излезете на предвремени парламентарни избори, па народот нека каже кој треба да ја води Македонија и чија политика ќе ја победи другата политика. Драги пријатели, Почитувани членови на Унијата на млади сили, Денес почнува светското првенство во фудбал. додека државава тоне во бездната на проблеми и тежок живот, светот учествува и се радува на Мундијалот. Македонија не е учесник за жал, но заслужува дел од таа среќа и таквата надеж, затоа што младата генерација која доаѓа е шампионска. И верувам дека и ние многу брзо ќе бидеме дел од еден таков мундијал каде ќе се навива за Македонија. До тогаш и сега барем за миг да се радуваме со светот и да знаеме дека има надеж. И кога тие од власта ќе сакаат да наведнете глава, вие кренете ја гордо високо. Кога тие ќе сакаат да молчите вие зборувајте гласно, кога тие ќе притискаат вие бидете храбри. Кога тие ќе сакаат да се откажете, вие бидете уште порешителни. Затоа што има борби во животот што вредат нешто, но има и борба што е повредна од сè друго. Се работи за Македонија, за нашата иднина, за заедничката надеж. И ние ќе успееме и ќе победиме. Таа победа е за обичниот човек, за рбетот на оваа наша заедничка Македонија. Да сте живи и здрави! Да живее Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ! Да е вечна нашата Македонија!

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан