• среда, 27 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
17 јуни 2020 (МИА) Обичаи поврзани со работата  Овој вид обреди во Џепишта се негува при извршување на разни работи. Православните пред започнување со работа се прекрстуваат и се помолуваат со зборовите: „Господи поможи“. Муслиманите пред започнување со работа упатуваат молба кон Господ со зборот: „Бисмилај“. При прашење на пченка оној што ќе го испраши последниот корен ја фрла мотиката високо и благословува пченката голема да порасне и да даде голем род. Пред започнување на вршење на житото, стежерот се закитува со цвеќе, а на Спировден домаќинката подготвува за ручек питулица (бакардан) и деца со чинија питулица одат на гумно и го канат ветрот на ручек со зборовите: -Дојди, ветре да ручаме, а на лето да дојдиш да вејеме. На празникот Свети Трипун (Трипопијаница) рано наутро се оди во лозје и се закројува. Пред закројувањето кројачот се прекрстува, истура вино и светена вода на лозата, а зарежаната лоза се врзува со конец што е земен од крстот на празникот Водици. Мали деца се тркалаат во лозјето што симболизира да се родат големи гроздови. Потоа се враќаат дома и пијат топла ракија и јадат пржени јајца. На Велики Поклади се закројуваат овошките и се подврзуваат со слама. Тоа го прават две деца. Едното дете има косор, се доближува до овошното дрво и му се обраќа со зборовите: - Ќа родиш, или да те кола? Другото дете одговара: - Не коли ме ќа рода! Потоа дрвото малку се засекува и се подврзува со сламата. При одење на печалба се водело сметка да се тргне во деновите: понеделеник, четврток или недела, кога е полна месечина, за да биде полна и богата печалбата. Кога ќе излезел печалбарот од куќниот праг пред него се ставала стомна вода, а тој со ногата ја истурал водата. Блиските роднини при разделбата со печалбарот, на испраќање, пред него фрлале ситни пари, а печалбарот ги земал. Со ова се пожелувало печалбарот да има добра печалба. Други кажуваат дека со наведнувањето на печалабарот да ги земи парите, треба да го запамети местото каде треба да се врати. По испраќањето на печалбарот, во куќата дента не се метело и вратите од сите просртории во куќата се оставале ширум отворени. Од книгата „Џепишта“ од Методија Новковски, Скопје 2005. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан