• понеделник, 23 декември 2024

Обвинителството почна истраги против двајца дилери од Скопје

Обвинителството почна истраги против двајца дилери од Скопје

Скопје, 24 октомври 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје повело истраги против две лица за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори според член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Во првиот случај, информираа денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, 42-годишен скопјанец е осомничен дека во периодот од мај до октомври годинава, на вториот кат во куќата во која престојувал на улицата „Тиранска“, опремил простории за одгледување и сушење на канабис, набавил семки од растението и го одгледувал, со цел неовластено производство на марихуана и хашиш.

- При претрес во домот биле пронајдени 291 стебло канабис со поединечна висина од 10 до 33 сантиметри, засадени во посебни саксии во просториите каде биле инсталирани системи за наводнување и за вештачко одржување на светлина и температура, се појаснува во соопштението.

Против 32-годишен скопјанец, пак, истрага е поведена затоа што на паркинг пред зграда во Влае неовластено пренесувал амфетамин со вкупна нето маса од 2048,2 грама, како и 2,17 грама кокаин и осум таблети МДМА – 3,4 метилен диоксиметамфетамин. Дрогата ја оставил во заграден простор наменет за канти за собирање смет и се оддалечил, но полициските службеници го сопреле и ја заплениле дрогата.

За двајцата осомничени до Основниот кривичен суд Скопје се доставени предлози за определување мерка притвор. Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија информираа дека надлежниот јавен обвинител оценил дека се исполнети законските основи за притворска мерка како неопходна за непречено водење на кривичната постапка.​ цр/са/

Фото:МИА архива

Остани поврзан