• среда, 27 ноември 2024

Обвинение против 18 лица за криумчарење луксузни автомобили

Обвинение против 18 лица за криумчарење луксузни автомобили

Скопје, 30 декември 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка и поднесе обвинение против 18 физички и едно правно лице за повеќе кривични дела, меѓу кои продолжено криумчарење, фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, спречување докажување и злоупотреба на лични податоци.

Како што соопшти Јавното обвинителство, во периодот од август 2020 година до април 2022 година, обвинетите вршеле пренос преку царинска линија на непријавени стоки – луксузни автомобили во вкупна вредност од големи размери. Тие ја избегнувале царинската контрола, фалсификувале службени исправи и лажните јавни исправи ги употребувале како вистински за да ги регистрираат автомобилите, а потоа со цел да ги прикријат кривичните дела, ги сокривале возилата и меѓусебно ги препродавале по неколкупати во краток временски период. За прикривање на возилата кои биле предмет на криумчарење и царински измами е обвинето и правното лице – авто салон од Кочани.

Меѓу обвинетите се и пет службени лица – референти за управни работи во МВР кои во целиот тој период на останатите им ставале на располагање средства за извршување на кривичните дела – регистарски таблици и сообраќајни дозволи изработени спротивно на Законот за возила и со употреба на фалсификуваните документи.

Автомобилите, од кои најголем дел биле предмет на меѓународни потраги, се набавувале во различни европски земји и се внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Потоа обвинетите службени лица од МВР вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација. По повеќекратната меѓусебна купопродажба, обвинетите трајно ги отуѓувале автомобилите, продавајќи ги на физички и правни лица во државава.

-Во текот на истрагата, јавниот обвинител обезбеди докази дека овој начин бил искористен за криумчарење на вкупно 15 возила со проценета вкупна вредност од над половина милион евра. За тројца од обвинетите, меѓу кои и една државјанка на Република Србија со привремен престој во земјава, надлежниот јавен обвинител предложи да им биде продолжена претходно определената мерка притвор. За истиот кривично-правен настан веќе има една правосилна пресуда против обвинет врз основа на спогодба, додека за едно инволвирано лице постапката е прекината бидејќи е недостапен на органите на прогон, наведува Јавното обвинителство. мч/дма/

фото: МИА архива

Остани поврзан