• понеделник, 23 декември 2024

НФФ: Потребни се мерки и политики за економско јакнење на жените од руралните средини

НФФ: Потребни се мерки и политики за економско јакнење на жените од руралните средини
Скопје, 15 октомври 2022 (МИА) - Жените од руралните средини се соочуват со голем број на предизвици, а тоа се социјална исклученост, невработеноста, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита и сл. јавни и социјални услуги. Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата, покажуваат податоците со кои располага Националната федерација на Фармери. Според нив, околу 64 отсто од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Во однос на наследувањето имот, доминантната традиција во руралните средини  им дозволува само на мажите да се појават како наследници. Само пет отсто од жените ретко се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште, и тоа најчесто откако ќе станат вдовици. Најголем дел од нив не ги перципираат овие практики и традиции како дискриминирачки. Напротив, ги прифаќаат како нормални и ги почитуваат без приговор. -Потребно е активно залагање од страна на сите чинители за воведување соодветни мерки за ублажување на товарот за грижа и за подобро негово прераспределување меѓу жените и мажите, за достапност до услуги на жените во руралните средини и за поддршка на продуктивната и неплатена домашна работа. Жените имаат клучна улога во обезбедувањето одржливост на руралните домаќинства и заедници, како и подобрувањето на целокупната благосостојба, се вели во соопштението од Националната федерација на фармери по повод Мегународниот ден на руралната жена - 15 октомври. Во оваа насока, велат од Федерацијата, потребна е реализација на заложбите од Декларацијата за подобрување на економската и социјална положба на жените од руралните средини потпишна од Националната федерација на фармери, Мрежата за рурален развој на РСМ,и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за труд и социјална политика во 2018 година на 15 октомври. -Потребно е подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој, креирање и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини, креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството, и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија, потенцираат од Националната федерација на фармери. Според Федерацијата, потребно е и подобрување на достапноста на јавните услуги во согласност со остварување на Целите за одржлив развој и Агендата 2030, поттикнување поголемо учество на жените од руралните средини во процесот на одлучување и креирање политики на локално и националнo ниво, како и взаемна соработка за активно промовирање позитивни примери за родова еднаквост (посебно во делот на рушење на традиционалните норми и стереотипи, еднаков пристап на жените и мажите за сопственост на земјоделско земјиште и имот), но и воспоставување на механизми за едукација и информираност на жените од руралните средини за зајакнување на нивниот економски и социјален развој. Во насока на обединување и подигање на свеста на руралните жени за нивната важна улога во локалните заедници и општеството,  Националната федерација на фармери заедно со Мрежата за рурален развој на РСМ 15 години го одбележуваат Меѓународниот ден на руралната жена и се подржани од Шведската организација за развој We Effect. - Оваа година одбележувањето на меѓународниот ден на руралната жена решивме да го поврземе со 16 октомври - Светскиот ден на храната со цел да потенцираме дека во оваа време на економска и енергетска криза важен сегмент на кој што треба да се обрне внимание  е обезбеденоста на храната и потребно е креирање на мерки и политики за опстанок на руралното население и малите производители на храна, велат од НФФ укажувајќи на тоа колку е важен трудот на руралното население и колку е малку вреднуван, особено на жената која и понатаму останува маргинализирана. сст/дма/  

Остани поврзан