НФФ: Индивидуалните земјоделски стопанства се основа за производство на винското грозје, затоа треба да се работи за нивен развој
- Индивидуалните земјоделски стопанства се основа за производство на винското грозје и затоа треба да се работи за нивен развој и економско јакнење, како и воспоставување на вистински договорни

Скопје, 14 февруари 2021 (МИА) - Индивидуалните земјоделски стопанства се основа за производство на винското грозје и затоа треба да се работи за нивен развој и економско јакнење, како и воспоставување вистински договорни односи помеѓу винариите и лозарите се со цел лозарството и винарството да се развива и понатаму да биде препознатлив бренд на нашата држава. Посебно сега со настаната Ковид криза, потребно е да се либерализира пристапот на малите производители до пазарот, а со тоа да се влијае на стабилизирање и редистрибуција на вредноста на земјоделскиот откуп во целиот систем. Овие се дел од заклучоците на анализата на Националната федерација на фармери „Земјоделството и корона кризата“1.
- Според официјалните податоци на ДЗС во Република Северна Македонија има вкупно 180.000 земјоделски стопанства. Од нив околу 48.000 земјоделски стопанства поседуваат лозови насади. Од површините под лозови насади наменети за производство на винско грозје 70 отсто се обработуваат од страна на индивидуални земјоделски стопанства (чија површина се движи од 1 – 4 ха). Токму овој податок покажува дека индивидуалните земјоделски стопанства се основа за производство на винското грозје и затоа треба да се работи за нивен развој и економско јакнење, како и воспоставување вистински договорни односи помеѓу винариите и лозарите се со цел лозарството и винарството да се развива и понатаму да биде препознатлив бренд на нашата држава, соопшти Националната федерација на фармери. - Пред изгрејсонце и по месечина појди си на лозје, со голема љубов и волја работи, бори се со климатските промени, произведи си вкусно грозје и на есен наполни се со нервози, кога треба да го продаваш. Од фер економија и задоволство на сите во вредносниот синџир, преминавме на високи трошоци за маркетинг и креирање приказни од кои никако производителите на грозје да дојдат до корист. Со години наназад, оваа особено важна гранка, која иако има огромни можности останува неорганизирана и во производството и во извозот. Од една страна се лозарите кои инвестираат во нови површини, но нивниот труд не е вреднуван. Од друга страна пак се винариите кои се убедени дека секоја винарија е посебна приказна, значајно име на глобалниот пазар (иако најголем дел од нашето вино се уште завршува на ексјугословенските простори) и не наоѓаат модалитет како да одговорат на потребите на лозарите со цел сите да го добијат својот дел од колачот, истакнува Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.