• среда, 25 декември 2024

НФФ: Високите производни и ниските откупни цени се главниот проблем со кој се соочуваат земјоделците

НФФ: Високите производни и ниските откупни цени се главниот проблем со кој се соочуваат земјоделците

Скопје, 24 август 2023 (МИА) - Високите производни и ниските откупни цени се главниот проблем со кој се соочуваат земјоделците според анализата на состојбите со земјоделските производи направена од Националната федерација на фармери (НФФ).

Како што истакнаа, посебно го анализирале производството и продажбата на пченица.  

Според анализата на НФФ, производната цена на пченицата изнесува 17 денари по килограм,  со што продажната цена за време на жетвата се движела од осум до десет денари по килограм.

  - Со овој пример сакаме да потенцираме дека за граѓаните храната е скапа, за тие што ја произведуваат пак, заработката едвај им ги покрива трошоците, соопштија дека од НФФ, и посочија дека проблемот е кај откупувачите.

Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска, истакна дека производните цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните со години се исти. 

 - Она што најмногу го погодува македонскиот земјоделец се високите производни цени и ниските откупни цени и овој тренд е забележителен во последните десет години што ги доведува примарните земјоделски производители во ранлива положба во поглед на стопанските и деловните активности, како и нивниот животен стандард, нагласи Мојсовска.

Таа како значајни проблеми и предизвици во делот на пласманот на земјоделството ги истакна ниските откупни цени, неорганизираноста кај самите земјоделци, нелојалната конкуренција која го има монополот на пазарот за откуп, непостоењето на договорно производство, недостигот на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците, недостигот на едукација за претприемништво и непостоењето на фунционални форми на еконосмко здружување на земјоделците. 

 - Новите ценовни шокови се на штета и на потрошувачите и на земјоделците, нагласи Мојсовска.

Мемет Синани, поледелц и член на Управниот одбор на НФФ, истакна дека производството на пченица во нашата држава едвај преживува, бидејќи, како што вели,  не постои систем на гарантиран откуп и навремена исплата, ниту планска сеидба или договорно производство, а ретко се прави и интервентен откуп, иако постои законска можност. Сето тоа, како што истакна, доведува до намалена употреба на современи технологии и инвестиции во производството и го прави овој потсектор еден од најпогодените.

Националната федерација на фармери направи анализа и на откупните цени на домат, пиперка, краставица, лубеница и диња. Откупната цена на доматот на големо во текот на оваа недела од се движеле од  25 до 40 денари по килограм, додека цените на скопските пазари  достигнува до 95, односно 139 по килограм. Откупната цена на пиперка на големо се движи од 25 до 45 денари по килограм, додека на скопските пазари достигнува до 85, односно 169 ден. Цените на краставицата на големо се движи од 20 до 45 денари по килограм, а на скопските пазари достигнуваат до 97, односно 129 денари по килограм. Лубеница на големо се продава од 14 до 35 денари по килограм, додека на скопските пазари достигнува цена од 60 денари по килограм. Дињата на големо се продава од 10 до 40 денари по килограм, а на скопските пазари од 80 до100 денари.

НФФ најавува дека за кратко време ќе започне и откупот на грозјето кое е едно исто така од најпогодените земјоделки култури од климатските промени, со што оваа година има и намалена количина на произведено винско грзје.

 - Производната цена на грозјето за оваа година е зголемена, бидејќи зголемени беа трошоците за заштита за време на пролетните дождови,зголемени цени на ѓубривата,и проблемите со системите за наводнување придонесоаа производните цени на винското грозје уште повеќе да се зголеми , така што во ниту еден случај ланските цени на откуп на винско грозје (14 ден за вранец и 12 денари за смедеревка) во ниту еден случај не одговараат за лозарите и се крајно понижувачки , бидејќи тоа уште повеќе ќе го уназадува овој сектор, посебно лозарите, вели Мојсовска.

Како што истакнаа, голем проблем во земјоделството претставува немањето на сезонска работна сила, големата миграција која е тренд кај младите и негативните влијанија на климатските промени кои што прават големи штети во сите земјоделски сектори придонесуваат разочарување кај самите производители на храна.

 - Сметаме дека во политиките и стратегиите на земјоделството треба посебно да се даде акцент на климатските промени, навистина се голем проблем за нас земјоделците и мора да го прилагодиме производството на новите климатски промени, нагласија од НФФ и додадоа дека колебливоста на климата е веќе зголемена со што нашата држава  стана земја со висока изложеност на најразлични природни непогоди, особено поплави, суши, екстремни температури и град. сан/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан