• понеделник, 23 декември 2024

Нов проект за консолидација на земјиштето финансиран од ЕУ

Нов проект за консолидација на земјиштето финансиран од ЕУ
Скопје, 3 ноември 2022 (МИА) - ЕУ и ФАО денеска во Скопје ќе го промовираат новиот проект „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“ и ќе ги презентираат  резултатите од проектот „Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште“ (МАИНЛАНД). Проектот вреден 1,2 милиона евра, ќе се реализира во период од 42 месеца, од август 2022 година до јануари 2026 година. Краток преглед на целите и очекуваните резултати од новиот проект ќе даде Мортен Хартвигсен, службеник за управување со земјиште од Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија, а за резултатите од МАИНЛАНД ќе зборуваат Кристина Митиќ Арсова, национален тим лидер на проектот и Кирил Георгиевски, раководител на Секторот за консолидација на земјиште при МЗШВ. На настанот ќе се обратат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, евромбасадор Дејвид Гир, како и Набил Ганги, заменик-регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија и шеф на канцеларијата на ФАО во Северна Македонија, а ќе присуствуваат претставници од клучните национални институции, агенции и јавни претпријатија, земјоделци и земјоделски организации, земјоделски задруги, граѓанското општество и академска заедница. Во завршниот дел е планирана панел дискусија за предизвиците, иднината и овозможувачката средина за консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија. Учесници на панел дискусијата се претставници од МЗШВ, Националната федерација на фармери, Градежниот факултет, Комората на геодетски компании и тимот на МАИНЛАНД. Новиот проект, финансиран од Европската Унија, ќе се фокусира на подобрување на националната политика, институционалната и регулаторната рамка за консолидација на земјиштето (вклучително и подготовка на нова национална стратегија за консолидација на земјиштето за периодот 2022-2030 година со акциски план) и целосно спроведување на проекти за консолидација на земјиште во две консолидациони подрачја - Дабјани (Општина Долнени) и Чифлик (Општина Чешиново-Облешево), во комбинација со изградба на земјоделска инфраструктура. Надоврзувајќи се директно на резултатите од проектот МАИНЛАНД, овој проект има за цел да го поддржи МЗШВ во унапредување консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија, преку подобрување на националната политика за консолидација на земјиштето, вклучително стратешката, правната и институционалната рамка, како и во понатамошна имплементацијата на Националната Програма за консолидација на земјиштето, преку целосно спроведување на проекти за консолидација во две подрачја, заедно со изградба на земјоделска инфраструктура. Проектот е финансиран со еден милион евра преку ЕУ ИПА 2 Инструментот и со придонес на ФАО од 0,2 милиона евра. Проектот МАИНЛАНД, вреден 2,86 милиони евра, беше финансиран од ЕУ (2.5 милиони евра) и кофинансиран од ФАО (0,36 милиони евра). Се спроведуваше 68 месеци, од март 2017 до ноември 2022 година, во тесна соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а главната цел беше да се реши проблемот со расцепканоста на земјоделското земјиште за да се зголеми конкурентноста на производството, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси. мч/са/       

Остани поврзан