• сабота, 23 ноември 2024

Ново фудбалско и детско игралиште, како и паркинг простор во ООУ „Круме Кепески”, Општина Кисела Вода

Ново фудбалско и детско игралиште, како и паркинг простор во ООУ „Круме Кепески”, Општина Кисела Вода

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска ги ставил во фукција новото фудбалско и новото детско игралиште во ООУ „Круме Кепески”. Фудбалскиот терен, со своите 500 метри квадратни со квалитетна вештачка трева, ќе служи како место за развивање на спортските таленти кај младите фудбалери. Детското игралиште, пак, опремено со современа урбана опрема и реквизити, е дизајнирано за безбедна и забавна игра на децата, нудејќи идеални услови за рекреација.

Градежните работи кои се одвивале изминатите десет дена, опфатија и изградба на паркинг простор за околу 50 возила, со што дополнително се подобрени условите на училиштето и неговата околина.

- Секогаш сум горд кога нашата визија добива конкретен лик. Со цел да ги поддржиме и инспирираме младите да живеат здраво и активно, Општината Кисела Вода посветува значаен дел од своите ресурси во инвестирање во спортската инфраструктура, што значи дека овој проект не е само инвестиција во нови терени и игралишта, туку инвестиција во здрави генерации кои се темел на нашата иднина. Со овој спортско-рекреативен простор, фудбалски терен од 500 квадратни метри и современо детско игралиште, на младите од овој дел на Кисела Вода им создадовме простор за спортување и рекреација, место каде можат да се дружат, забавуваат и да учат важни животни вештини преку игра. Спортот е начин на здраво живеење, тоа е начин на развивање на дисциплина и тимска работа кај младите. Впрочем, насмевките што учениците од ООУ “Круме Кепески” ги имаат денес, додека го играат првиот фудбалски натпревар на овој терен кажуваат се’ за важноста на ваквите проекти. Впрочем, ова е уште една во низата значајни инвестиции од ваков карактер на кои Општина Кисела Вода интензивно работи во изминатиот период. Дополнително, интервениравме и во подобрување на сообраќајот во мирување во овој дел од градот преку изградба на паркинг простор за околу 50 возила, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски.

Додал дека во моментов во завршна фаза се неколку инвестициони проекти за изградба на спортската инфраструктура во општина Кисела Вода.

Како што соопштија од Општина Кисела Вода, во ООУ „Партенија Зографски” се одвива целосна реконструкција на повеќенаменското и кошаркарското игралиште, во завршна фаза е изградбата на модерен спортски центар на местото од поранешното спортско игралиште „Славија”, како и во Теферич. 

Посочуваат дека младите од Потстаница ќе имаат можност да спортуваат на новото фудбалско игралиште и новото кошаркарско игралиште, а за најмладите градиме ново детско катче со модерни реквизити. Пред само неколку месеци беше изграден нов спортско-рекреативен цeнтар на местото од депонијата кај Оксиген, како и реконструкција на детското катче со нови реквизити и изграден терен за мал фудбал и за кошарка во населбата Драчево, до маркетот „Тинекс”. цр/ац/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан