• четврток, 26 септември 2024

Ново спортско игралиште и фитнес зона на отворено добија младите во Виница

Ново спортско игралиште и фитнес зона на отворено добија младите во Виница

Виница, 17 септември 2024 (МИА) – Младите во Виница добија ново игралиште за кошарка и фитнес зона на отворено, што се изградени во рамки на проектот „Направи разлика“ чиј носител е Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип, со финансиска поддршка од УСАИД и Локалната самоуправа на Виница.

На свеченоста по повод предавањето во употреба на спортските терени, а на која присуствуваше и Марк Елингстад, директор на Канцеларијата за демократија и добро владеење на УСАИД, градоначалникот на Виница, Миле Петков истакна дека се работи за важен проект што е реализиран по инцијатива на младите.

- Вредноста на инвестиццијата е околу три милиони денари, од што со околу 40 отсто учествуваше Фондацијата за развој на локалната заедница, а остатокот е од наши буџетски средства и донатори. На оваa локација, во близина на градскиот парк имаше запуштено тениско игралиште со земјена подлога што не беше во функција повеќе години. Затоа ние ја прифативме иницијативата и сега можеме да видиме дека навистина има разлика, затоа што е изграден спортски терен што ќе го користат и младите и учениците од средното училиште „Ванчо Прке“, а во наредниот период ќе поставиме и нова урбана опрема, така што тоа ќе биде пријатно место за спортување и рекреација, нагласи градоначалникот Петков.

Во рамки на проектот се одржа и младински форум, на кој беа претставени проектите што досега се реализирани, како и оние што се во тек или се во подготовка.

- Проектот „Направи разлика“ го спрoведуваме во шест општини од Источниот регион, а во Виница ќе трае до 2027 година. Работиме со активни млади членови, кои се локални лидери во заедницата, за да идентификуваме проблеми и потреби, и секако да најдеме решенија. Конкретно, тоа се реализира преку концептот на Младинска банка каде што вклучуваме групи од 10-15 млади. Тие поминуваат серија обуки како да ги истражат потребите и проблемите на младите, како да испланираат или предложат решение и како тоа да се имплементира, истакна Невенка Лонгурова Гирова, извршен директор на Фондација за развој на локалната заедница - Штип.

На младинскиот форум во Виница преку практични примери младите пренесоа сопствени искуства и предизвици од вклучувањето во Младинската банка, а потоа беа формнирани акциони групи кои работеа на идентификување на локални прашања и потреби, со инцијативи за нивно решение.

Во изминатите две години од реализацијата на проектот „Направи разлика“ доставени се 58 иницијативи од младите од сите шест општини, при што реализирани се 43, а останатите се во завршна фаза. Во наредниот период ќе бидат опфатени и младите во уште три општини во регионот. та/цр

фото: МИА

Остани поврзан