• вторник, 26 ноември 2024

Новите цени и плати дополнителен стимул за работа во такси-превозот

Новите цени и плати дополнителен стимул за работа во такси-превозот
Кичево, 4 февруари 2022 (МИА) - Со намалувањето на работата, а со тоа и на приходите, соптвениците на такси возила од Кичево наидоа на големи проблеми поради намалениот интерес на младите за оваа работа. Промената на цените после две цели децении и зголемените приходи се очекува да го пробудат интересот на младите за работа како таксисти. -Помеѓу многуте проблеми со кои се соочувавме изминативе две децении е и намалениот интерес за вработување на младите како таксисти, бидејќи платата што ја добиваа не беше стимулативна и затоа интересот од година во година беше се помал и помал, со што се ограничуваше и обемот на работа во нашите компании, вели Драган Спироски, потпредседателот на Здружението на авто такси превозници, кој решавањето на проблемот го гледа во промената на цените која ќе генерира зголемен интерес за работа и поголема профитабилност на компаниите. Во досегашниот период главниот проблем беа ниските цени на услугите кои не беа променети цели дваесет години, а новите тарифи очекуваме состојбите од корен да ги променат. -Така според новиот тарифник цените на услугите ќе се зголемат на 50 денари старт и плус 30 денари за секој изминат километар. Намалувањето на бројот на диви и нерегистрирани таксисти очекуваме да се реши со вработувањето на новиот сообраќаен инспектор, што ќе придонесе да се зголеми работата и на долг рок, а тоа ќе ни овозможи и подновување на возниот парк кој е исклучително стар, додаде Спироски. Тој појасни дека и пандемијата оставила длабоки траги  во нормалното фунционирање на такси превозот и очекува наредните години да стивне епидемијата и граѓаните да продолжат најнормално да живеат како пред три години и тоа да даде нов импулс во работењето на такси превозниците. за/цр

Остани поврзан