Новиот ГУП на град Крива Паланка второнаграден на Меѓународниот салон за урбанизам во Бјелина, Србија
- Генералниот урбанистички план на град Крива Паланка освои високо признание, втора награда за на 33-от Меѓународен салон за урбанизам во Бијелина, во организација на Здружението на урбанисти на Србија.
Крива Паланка, 4 декември 2024 (МИА) - Генералниот урбанистички план на град Крива Паланка освои високо признание, втора награда за на 33-от Меѓународен салон за урбанизам во Бијелина, во организација на Здружението на урбанисти на Србија.
Агенцијата за планирање на просторот учествуваше на годинашното издание на Меѓународниот салон за урбанизам што претставува смотра на најзначајни актуелни остварувања во областа на просторно и урбанистичко планирање и во конкурекција на 144 трудови Генералниот урбанистички план на Крива Паланка (2019-2029) освои втора награда во категорија „Генерални урбанистички планови и Планови со генерална регулација".
- Овој ГУП е изработен од страна на Агенцијата за уредување на просторот, а е финансиран од Владата, за плански период од 2019-2029 година. Претходниот ГУП е нефункционален и по истиот Крива Паланка немаше донесено ниту еден детален урбанистички план. Во овој ГУП (2019-2029) се предвидени општи намени со што дава поголема можност на сите идни инвеститори во деталните планови да предвидат основна класа на намена согласно нивните потреби. Исто така, дава можност за разработка на помали опфати со што интересот за финансирање на ДУП - првите од страна на физички и правни лица е значително голем. Со донесувањето на овој ГУП општината за само 6 месеци донесе и детален урбанистички план,со разработена основна класа со намена А2, со што Крива Паланка ќе добие нов стамбено- деловен објект по многу години, изјави Маја Костадиновска, раководител на Сектор за урбанизам, сообраќај, заштита на животна средина и комунална инфраструктура при Општина Крива Паланка.
Наградата е признание за спроведливоста на овој план, значаен за идниот развој на градот, но и големо признание за сите учесници во изработка на планот, од авторите : Маја Доновски Лукаревска, Боро Петковски, Ана Пижула Ефкоски, членови на комисијата за урбанизам како и сите стручни лица од Одделението за урбанизам при Општина Крива Паланка.
Новиот ГУП го отвори новото поглавје за интензивен урбан развој на Општина Крива Паланка, што ќе значи модернизација и економско јакнење на општината. ид/дма/
Фото: Општина Крива Паланка