• среда, 12 март 2025

Новинарите Цветковска, Куноски и Рајчевска од МИА ја освоија првата награда на СЕЕМ и ОБСЕ за известување за недостиг на образование за децата во ВПД

Новинарите Цветковска, Куноски и Рајчевска од МИА ја освоија првата награда на СЕЕМ и ОБСЕ за известување за недостиг на образование за децата во ВПД
Скопје, 19 јули 2022 (МИА) - Новинарите Ана Цветковска, Борис Куноски и Ангела Рајчевска од Медиумската информативна агенција (МИА) го освоија првото место на конкурсот за најдобри новинарски стории за инклузивно известување за различностите за време на Ковид-19 кој го спроведува Советот за етика во медиумите (СЕММ), со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, за серијалот стории за образовниот процес на децата кои издржуваат казна „упатување во Воспитно-поправен дом“. СЕММ денеска преку видео-обраќање на Фејсбук ги соопшти наградите за најдобрите новинарски стории за инклузивно известување за различностите и предизвиците. Критериумите за наградите вклучуваа автентична и аналитична новинарска работа од поширок јавен интерес, која ги задоволува највисоките етички стандарди во новинарството, а за сториите на МИА од жирито велат дека темата била изработена со толку посветеност што треба да послужи како пример за другите новинари. Станува збор за серијалот стории за кои новинарите од МИА, Цветковска, Куноски и Рајчевска, пишуваа за условите во кои престојуваат децата кои издржуваат казна „упатување во Воспитно-поправен дом“, но при тоа наидоа на сознанието дека ним веќе една година им е ускратено правото на задолжително основно образование. Тема, која, како што рече Мигена Горенца, дел од жирито, била избрана без никаква дилема, едногласно од сите членови од жирито, како најдобра сторија. - Постојано гледаме што е најмалку застапено, особено во однос на оние што се маргинализирани заедници во државата и се обидуваме да се насочиме и да ги истражиме тие стории. Во однос на оваа сторија во соработката со „Само Прашај“ успеавме да отвориме една тема која што не само што го отвори образованието, туку откри дека девојчињата кои што се казнети за прекршување на законот немаат соодветна установа за извршување, односно за спроведување на оваа мерка „упатување во Воспитно-поправен“ дом, тие се сместени во затворски услови во Идризово, вели Ана Цветковска, главен и одговорен уредник на МИА, дел од тимот кои ги истражуваа наградените стории. Според Цветковска, оваа награда е поттик да се посветат на вакви стории кои ќе бидат инклузивни и глас на оние кои самите не можат за себе да се заложат и да ги поттикнат институциите да преземат нешто да се случат ппромени на подобро во оваа земја. Преку сториите, „Децата упатени во Воспитно-поправен дом лишени од задолжителното образование“, „Антоски за МИА: Очекуваме наставата за штитениците во ВПД-Тетово да почне месецов“, „Со доследно применување на Законот за правда на деца до намалување на деликвенцијата“, „Образованието на децата во Воспитно-поправен дом бара системско решение“, „Една година „воспитување“ без образование за штитениците во ВПД, се очекува процесот да продолжи во септември“ и „За иста мерка, момчињата во Воспитно-поправен дом, девојчињата во затвор“, МИА откри дека во Воспитно-поправните установи во нашата држава нема образовен процес веќе цела година иако, според закон, е задолжителен и дека девојчињата кои ја издржуваат оваа мерка, за разлика од момчињата, се сместени во несоодветни услови во адаптирана соба во ходник во рамките на КПУ Идризово. По написите на МИА, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, донесе одлука за покренување постапка по службена должност заради постоечките индиции на дискриминација во образовниот процес како и за несоодветен третман на девојчињата кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“. Народниот правобранител, исто така, по укажувања на новинарите на МИА изврши увид во ВП-домот во рамките на КПУ Идризово, каде ги констатираше истите заклучоци и апелираше на итно решавање на проблемот со образованието и условите во ВПД. Апел за решавање на ситуацијата по написите упатија и Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници. Министерот за правда, Никола Тупанчески, и Директорот на Управата за извршување на санкции Марјан Спасовски, непосредно по сториите извршија посета во Воспитно-поправниот Спасовски, по која министерот изјави дека просторни услови за девојчињата во Волковија има, останува да се решат уште кадровските. Втората награда ја oсвои Соња Колевска-Делевска, од редакцијата на „Сакам да кажам“, за сторијата на тема „Државата им го зема додатокот на учениците со попреченост од 5.000 денари и ги дискриминира тие што се од рурална средина. Третата награда ја добива Сенат Зулбеари, за сторијата „Не ја сакаат во класот бидејќи е со Даунов синдром, родителите на Амбла сакаат таа да учи со врсниците“. Освен награди за најдобрите стории, жирито одлучи да додели и една пофалница за сторијата на новинарката Ана Зафирова, со наслов: „Маските се пречка во светот на глувите и наглувите“, објавена на Самопрашај.мк. На овогодинашниот конкурс се пријавиле вкупно 40 новинарски стории од 30 различни автори/редакции. Целта за доделување на наградите за најдобри стории поврзани со известувањето за ранливите и маргинализираните групи за време на пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), е да се поттикнат новинарите во промовирање на концептот на еднаквост и интеграција преку професионална и етичка обработка на овие теми од јавен интерес. ар/аа/

Остани поврзан