• сабота, 23 ноември 2024

Новата велосипедска патека во Тетово со низа пропусти, граѓаните очекуваат да биде поправена

Новата велосипедска патека во Тетово со низа пропусти, граѓаните очекуваат да биде поправена

Тетово, 19 април 2021 (МИА) - Новата велосипедска лента по должина на булеварот „Илинденска“ во Тетово стана предмет на исмевање преку социјалните мрежи бидејќи се оставени бетонски препреки на самата површина, на одредени тротоари нема спуштање на рабниците до нивото на возната површина, а  долж патеката се оставени и контејнери.

 На 12 април преку профилите на социјалните мрежи на општината, беше соопштено дека се работи на поставување хоризонтална сигнализација за велосипедски патеки долж булеварите во градот, со поставени фотографии како веќе се користи оваа инфрастуктура за велосипедисти.

-Велосипедската патека се работи се уште. Ќе се постави низ целиот град, а контејнерите ќе бидат поставени на специјални  простори и нема да претставуваат пречка за движење на велисипедистите, информира Снежана Новаковска од канцеларијата за односи со јавност при Општина Тетово.

Зоран Ѓорѓевски, наставник по стручни сообраќајни предмети во стручното училиште  „Моша Пијаде“ во Тетово, објаснува дека сообраќајот на велосипедисти може да се изведе на различни начини. Еден од нив е велосипедистите да учествуваат во сообраќајот на коловозот заедно со другите возила, што не е препорачливо за населени места, втор начин е веслосипедска патека кога површината за движење на велосипедистите физички се одвојува од коловозот, како најдобар и најбезбеден начин.

-Третиот начин е во вид на велосипедска лента, односно обележана површина по должина на коловозот, а овој начин е применет во Тетово. Како опција секако има поволности особено што е економски исплатливо решение и се постигнува задоволително ниво на безбедност и флексибилност во движењето на велосипедистите. За конкретната ситуација во Тетово, може да дадам коментар само за оние фотографии кои се појавени на социјалните мрежи. На нив може да се забележат елементи на велосипедските ленти кои претставуваат пречки, како што се контејнер за смет кој никако не смее да биде изведен на тој начин и да ја прекинува лената, како и рабниците кои не се спуштени на нивото на патеката. Секако дека она што може да се забележи на велосипедската лента е прилично небезбедно и треба да се санира, објаснува наставникот Ѓорѓевски.

Тој потенцира дека при изведување на велосипедските површини мора да се имаат  предвид одредени правила кои треба да го одржат нивото на безбедност.

-Најчести препреки кои може да се јават се одводни шахти или издигнати површини од тротоари или острови. Правило е одводните шахти да се избегнуваат секогаш кога може, а доколку не е можно, тогаш решеткастиот капак од шахтата не смее да биде поставен така што решетките ќе бидат во правецот на движење на велосипедистите. Рабниците кои ќе се најдат на правецот на движење на велосипедистите мора да бидат спуштени до нивото на возната површина, така што за велосипедистите нема да претставуваат пречка, објаснува стручниот наставник Ѓорѓески.

Велосипедистот Сенад Идризи вели дека патеката е лошо изработена, но е добро што ја има поради поголема безбедност. Се надева дека ќе се коригираат пропустите.

-Не е спорно дека е лошо изведена патеката, ама ако се земе предвид цела инфраструктура на градот, тоа е нешто добро за поздравување.  Далеку е од стандарди, но немаме патишта за возила, а не за велосипеди. Ние кои практикуваме планински велосипедизам ваквите градски патеки ни се важни за безбедно да излеземе од градот.  Добро е да има било каква лента или патека  одколку воопшто да ја нема, вели Идризи.

Техничките елементи при изведување на велосипедските патеки се дефинирани со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за техничките елементи за изградба и реконструкција на јавните патишта и на објектите на патот. ас/хс/

Остани поврзан