• сабота, 23 ноември 2024

НМСМ: Законот за младинскo учество сѐ уште не е имплементиран во голем дел

НМСМ: Законот за младинскo учество сѐ уште не е имплементиран во голем дел

Скопје, 16 август 2023 (МИА) - По повеќе од три години од донесувањето на Законот за младинскo учество и младински политики, во голем дел сѐ уште не е имплементиран, особено на општинско ниво, заклучува Мониторинг извештајот за имплементацијата на Законот изработен од страна на Националниот младински совет на Македонија – НМСМ.

Овој мониторинг извештај НМСМ го спроведува втора година по ред, со цел да се испита во колкава мера се имплементирани можностите и механизмите младите да влијаат врз процесите за креирање политики и донесување одлуки, кои се предвидени со Законот.

- Од аспект на таквите механизми за младинско учество, Националното собрание за млади и Националното советодавно тело за младински политики сѐ уште не се формирани, а Локални младински совети има само во 19 општини, што претставуваат само 23 проценти од вкупниот број на општини, велат од НМСМ.

Дополнуваат дека согласно извештајот, општините продолжуваат да покажуваат мал интерес за имплементација на нивните законски обврски, а еден од најголемите предизвици претставува формирањето на канцеларија за млади. 

- Само една општина правилно има формирано канцеларија за млади, како место каде младите лица од општината ќе можат да се обратат и да се информираат во врска со прашања поврзани со младите, кои се во надлежност на општината, посочуваат  од НМСМ.

Извештајот покажува дека само седум општини, односно само осум проценти од општините, имаат усвоено Локална стратегија за млади, а само четири општини имаат креирано и усвоено акциски план. 

- Досега младински центри има во само седум општини, односно во 9 проценти од сите општини. Именувани се 57 службеници за млади во државните институции, а 64 во општините. Процентуално, 79 отсто од општините ја имаат исполнето оваа обврска, стои во извештајот.

Кога станува збор за планирањето на општинските буџети, во 2022 година само седум општини издвоиле конкретни средства за имплементирање на Законот, додека, во 2023 година, 13 општини издвоиле средства за исполнување на нивните обврски.

Податоците за извештајот на локално ниво се прибирани од страна на регионални набљудувачи во периодот од септември 2022 до февруари 2023 преку активно следење на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики во нивните региони и се споредени со претходниот мониторинг извештај, со цел да се идентификуваат сегментите со најголем напредок во поглед на имплементацијата на Законот.

Мониторинг извештајот за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики го изработи Националниот младински совет на Македонија, во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница - Штип, СФЕРА Интернешнал и Youth Empowerment Platform – YEP, во рамки на проектот „Заедници инклузивни за млади“, со финансиска поддршка од Европската Унија.ар/са/

Фото: НМСМ

Остани поврзан