• вторник, 17 декември 2024

Дебата НКЕУ-МК: Определување среднорочна фискална патека клучно во насока на воспоставувањето на фискалните правила прифатени од ЕУ

Дебата НКЕУ-МК: Определување среднорочна фискална патека клучно во насока на воспоставувањето на фискалните правила прифатени од ЕУ

Скопје, 2 ноември 2023 (МИА) – Определување среднорочна фискална патека и кредибилитет во нејзиното остварување како и автоматски корективи на примарниот буџетски дефицит доколку јавниот долг надминува определен износ, се клучни во насока на воспоставувањето на план за постепено воведување на рамката на фискалните правила прифатена од Европската Унија за периодот почнувајќи од 2024 година.

Ова е една од препораките од втората сесија на Работна група – 6, Антикорупција (Поглавје 5 – Јавни набавки, Поглавје 18 – Статистика, Поглавје 32 - Финансиска контрола) од Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), во организација на Европското движење.

Работната група препорачува преиспитување на поставените клаузули во фискалните правила за природни непогоди, пад на економската активност и трошоци за стратешки инвестициски проекти, кои овозможуваат целосно или делумно некористење на правилата, односно нивно усогласување со праксата во ЕУ земјите.

Утврдување на потребите за финансирање во јавното здравство и пензискиот систем во следните десет години од аспект на потребите што ќе ги создава процесот на демографското стареење на населението иселувањето на работната сила, се, исто така, дел од препораките, според кои врз основа на кои треба да се размислува за промени во даночниот систем и создавање на специфични фискални правила кои ќе го поддржуваат подоброто функционирање на системот. 

Групата препорачува да се направи анализа на ефективноста на прагот на фискалното правило за општините, кое што приходната страна на буџетите на општините ја определува како процент од остварувањата во претходните три години, со цел да не може да се планира неостварлива буџетска приходна страна која ќе создава преземени, а неплатени обврски. 

Функционирање на IFMIS системот кој ќе овозможи целосна поврзаност на јавните финансии и адекватна информациска база за функционирање на систем на јавни финансии базиран на правила, е исто така, порепорака, според која ќе се обезбеди системот да ги евидентира и покажува сите креирани обврски и создавање на правила кои ќе оневозможат зголемување на исплатените обврски.

На денешната дискусија на тема „Фискална политика заснована на правила: значењето и улогата на јавните финансии во евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија“, Франци Клужер, виш советник, Министерство за финансии на Република Словенија, ги презентираше фискалните правила прифатени од ЕУ.

Како што информираат од работната група, ЕУ е во процес на дефинирање на нов систем на правила во јавните финансии. Додека постојните фискални правила во Европската Унија беа суспендирани за време на пандемијата и на почетокот на војната во Украина и ќе треба да се обноват во 2024 година, Европската комисија предлага систем на фискални правила, кој има за цел да ги минимизира негативните надворешни ефекти од фискалната нерамнотежа на земјите членки врз остатокот од Унијата. Тој се состои од три компоненти: збир на критериуми и цели за фискална одржливост, задолжително фискално прилагодување кон одржлива фискална позиција, и санкции во случај на непочитување.

Критериумот за фискална одржливост ќе биде поставен во однос на нивоата на долгот, каде што ќе се класифицират земјите по ниво на ризик, а ќе се воспостави и патека за прилагодување кон фискална рамнотежа во форма на четиригодишни планови кои ќе поставуваат цели и ќе користат правило за нето примарни расходи како контролна променлива. Мерките во случај на неусогласеност вклучуваат процедура за прекумерен дефицит и разни санкции.

Глигор Бишев, професор, претседател на Фискален совет на Република Северна Македонија посочи дека без разлика какви правила се усвоени, носителите на економските политики сакаат амбиентот за стопанисување да го направат предвидлив и економските субјекти да знаат каква е нивната функција на реакција за да нема изненадување, бидејќи ако има, како што вели, не би инвестирале во нив.

- Пред нас стојат голем број на предизвици, конвергенцијата кон ЕУ ќе бара многу повеќе инвестиции и трансформација. Клучно ќе биде како расходната страна да се направи поефикасна и да се зголеми стапката на раст за да паралелно конвергираат и стандардите на граѓаните а истовремено поинтензивно да се применуваат фискалните правила, посочи тој.

Драган Тевдовски, експерт од НКЕУ-МК, професор, Економски факултет – УКИМ, Скопје истакна дека фискалната политика треба да се води врз база на правила посебно во земји како нашиот институционален капацитет.

- Ова е конвенција на Европа. Ние не треба да чекаме влез во ЕУ, туку треба да се обидуваме да ги применуваме овие елементи на системот каде што сакаме да влеземе, рече тој.

Според него, прво што може да се направи е да се избере фискална патека која на среден рок ќе создава одржливо ниво на јавен долг и ќе води сметка инвестициите на среден рок да бидат како што треба.

Националната координатортка со Националната конвенција за ЕУ и претседателка на Европското движење, професорката Милева Ѓуровска, истакна дека освен оваа работна група, во актуелниот момент активни се работните групи за Поглавјето 23/24 кои до сега одржаа по 12 сесии. Таа посочи дека Националната конвенција е активна и во поглавјето 11 „Земјоделство и рурален развој“, и Поглавје 27 „Животна средина“. 

-Дијалогот во Националната конвенција се води врз база  исклучиво на стручни аргументи, што обезбедува меѓусебна почит на членовите на работните групи и покрај можните нивни разлики во идеолошките и политичките ориентации. Работната група 6 ги опфаќа поглавјата 5, Јавни набавки, Поглавјето 18, Статистика и Поглавјето 32, Финансиска контрола, посочи Ѓуровска. 

Таа нагласи дека станува збор за исклучително значајни поглавја кои како елементи од Преговарачката рамка се незначително разработувани од граѓанските здруженија, што го прави понекогаш логично прашањето на институциите што здруженијата имаат да кажат за финансиската област што државата не го знае. 

-Меѓутоа и за оваа област, како и за многу други граѓанските здруженија веќе имаат акумилиран сознаен капитал. Тоа знаење е важно за институциите, но и за граѓаните кои треба да имаат информации кога станува збор за Работната група 6 и антикорупцијата нависитина граѓаните да бидат информирани за тековите на јавните пари, истакна Ѓуровска 

Северна Македонија има фискално правило за буџетите на општините од 2018 година, додека новиот органски Закон за буџет од 2022 година воведе фискално правило за нивото на јавниот долг, дефинирајќи дека не треба да биде поголем од 60 проценти од БДП и гарантиран да не биде поголем од 15 проценти од БДП. Сепак, јавниот долг е веќе блиску до лимитот на фискалните правила (57,99 проценти од БДП во К-2 2023) и Стратегија за јавен долг на земјата 2024-2026 година предвидува дека веќе во 2024 и 2025 година јавниот долг ќе биле повисок од лимитот на фискалните правила, односно 63,2проценти на БДП во 2024 година и 61,0 проценти на БДП до 2025 година. ар/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан