• сабота, 22 февруари 2025

Николоски: Завршуваме со големи капитални проекти, граѓаните ќе бидат сведоци на инфраструктурен развој

Николоски: Завршуваме со големи капитални проекти, граѓаните ќе бидат сведоци на инфраструктурен развој

Скопје, 10 јануари 2025 

Пуштање на првата фаза од експресниот пат Прилеп-Градско и пругата кон Бугарија на потегот од Куманово до Бељаковце, како и за моменталните активности на автопатот Охрид-Кичево, беа дел од темите за кои зборуваше вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски во Вечерното шоу на Богдан Илиевски.

Во однос на изградбата на првата фаза од пругата кон Бугарија, министерот истакна дека изградбата е во крајна фаза и во прашање се денови кога ќе се пушти во употреба оваа пруга во должина од 30км.

-Пругата е веќе при крај и во многу брз период таа пруга ќе биде пуштена, со што ќе имаме целосно функционална пруга од Скопје преку Куманово до Бељаковце. Успеавме да ги придвижиме работите заедно со директорот на ЈП Железници – инфраструктура и работите на вториот дел од делницата, а тоа е од Бељаковце до Крива Паланка, или за делница во должина од 34км, која очекувам некаде до 2027 година да е готова, и ќе остане потоа третиот дел кој ќе треба да значи поврзување со Бугарија, кога ќе успееме технички да ги затвориме тие работи, истакна министерот Николоски.

Во однос на изградбата на автопатот Охрид-Кичево, Николоски потсети дека пред почетокот на летната сезона годинава, ќе биде пуштена во употреба најголем дел од трасата на автопатот или околу 40 км, а истиот ќе биде завршен до крајот на 2026 година. 

Министерот Николоски зборуваше и за активностите на изградбата на коридорот 10д, каде во моментов се завршени работите околу изградбата на на првата фаза од експресниот пат Прилеп-Градско, на потегот од Градско до Дреново. 

-Првата фаза е скоро готова и во наредните денови ќе следува пуштање во употреба. Втората фаза ќе биде готова до март месец годинава, истакна тој и додаде дека со изградбата на овој патен правец и автопатот Прилеп-Битола Пелагонија ќе доживее целосна ренесанса и ќе добие модерно и брзо поврзување со останатиот дел од државата.

 

Николоски: Изградбата на експресниот пат Куманово - Страцин - Крива Паланка е пример како домаќински треба да се работи

Експресниот пат Куманово-Страцин-Крива Паланка е првиот проект кој се завршил навреме во историјата на Македонија. Патот е од народот и за народот и ќе значи големо економско заживување на источниот дел од државата – истакна во Вечерното шоу на Богдан Илиевски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

“Станува збор за еден прекрасен проект, со четири ленти, две од едната и две од другата страна, каде дозволената брзина е 110км на час. Овој пат ќе значи заживување на источниот дел на државата и е главна артерија за поврзување со Бугарија. Она што е исто значајно е што по овој експресен пат ќе почне да се развива бизнис. Очекувам од левата и од десната страна на патот да почнат да се развиваат стопански субјекти и фабрики, кои што ќе вработуваат нови луѓе, како и трговски центри, магацини, бензиски пумпи и се она што носи развој со изградба на една ваква делница”, истакна Николоски.

Министерот потенцираше дека затекнал катастрофална состојба на овој патен правец, каде еден од изведувачите целосно ги напуштил работите, а проблеми имало и со недостатокот на работници и надзорот. 

 “Со судни маки успеавме да ги вратиме работниците назад и да обезбедиме надзор. По најголем дел од трасата косините не беа заштитени, а на најголем дел од трасата немаше ниту капка асфалт или поточно на 17,5 км од 25 км воопшто немаше асфалт. Немаше ограда, немаше банкини, немаше еластична ограда, немаше канали изведени, сигнализација и се она што е дел од уредување на еден пат”- истакна министерот Николоски.

Во однос на тоа како работите се завршија во рок од 6 месеци, а притоа имајќи ги во предвид сите недостатоци, Николоски потенцираше дека за прв пат во изградбата на еден патен правец во Македонија се применија нови методи.

“За прв пат се примени асфалтирање на ниски температури, со што целосно се промени динаминката на изградба. Прв пат Македонија виде дека може да се работи под рефлектори. Немаше класично работно време од една смена, туку се работеше во три смени. Трето, прв пат Македонија виде дека може да се работи на дожд, секако со заштита на работниците. Четврто, прв пат Македонија дека може паралелно да се работи на повеќе сегменти од патот и петто, за прв пат се мобилизираше толкав број на работници и машини кои работеа во исто време”, потенцираше Николоски, кој најави дека во 2025 година ќе следуваат многу нови проекти и позитивни вести.
 

Николоски: Не е изненадување дека Артан Груби бил бандит

Состојбата во правосудството и обвинителството е рак рана на нашето општество во моментов, истакна во Вечерното шоу на Богдан Илиевски, вицепремиерот и министерот за транспорт, Александар Николоски.

-Мислам дека е доволно да се извадат прес - конференциите на ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција и ќе има работа за правосудниот систем во државава во наредните 20 години. Еве случајот со Артан Груби. Кој е изненаден во државата дека Артан Груби бил бандит? Ние сме го зборувале тоа со години, така што воопшто не е изненадување, како што не е изненадување тоа што го правеше Јован Деспотовски во Фондот за иновации и во ТИРЗ, ниту е било какво изненадување за било кој во Македонија она што се случуваше во Лотарија, во ТЕЦ Неготино, Електрани на Македонија, здравството, образованието, културата и кривичната пријава за екс министерката. Граѓаните го знаат тоа и не го оценуваат како почитички прогон, туку напротив велат дека има многу повеќе и има многу повеќе и очекувам правосудната власт да си ја заврши работата, истакна Николоски.

 

Министерство за транспорт

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан