• вторник, 24 декември 2024

Николоски: Автопатот Охрид-Кичево, експресниот пат Градско-Прилеп и браната Отиња се проектите на кои првично ќе се посветам

Николоски: Автопатот Охрид-Кичево, експресниот пат Градско-Прилеп и браната Отиња се проектите на кои првично ќе се посветам

Скопје, 20 јуни 2024 (МИА) - Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и предлог за министер за транспорт Александар Николоски вечерва потенцираше дека трите проекти на кои ќе стави акцент по преземањето на функцијата се автопатот Охрид – Кичево, експресниот пат Градско – Прилеп и браната Отиња која, како што напомена, е исклучително важна за источниот регион.  

- Граѓаните очекуваат одговори на две прашања и тоа - прво експресниот пат од Градско до Прилеп којшто ја поврзува Пелагонија и Централна Македонија со остатокот од државата и тоа е нешто во кое прво ќе имам увид. Втора работа, исто врвен приоритет, е автопатот Охрид – Кичево, кој со години е застанат и не се гради. Ќе видиме зошто е тоа така и што може да се направи. И трет приоритет е изградбата на браната Отиња којашто е исклучително важна за источниот дел на Македонија, рече Николоски за вестите на Канал 5 телевизија.

Во однос на договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10Д, Николоски посочи дека смета оти овој договор треба да се објави. Во однос на содржината на договорот, појасни дека институциите соодветно ќе го разгледаат и ќе се добие договор дали дополнително може да се преговара или разговара за дополнителни делници.

- Не знам по кој закон тој е класифициран како државна тајна. Во однос на содржината на договорот, кога ќе влеземе во институциите, соодветно ќе разгледаме и ќе видиме што може максимум Македонија да добие од овој договор. Дали дополнително може да се преговара или разговара за дополнителни делници што можат да се изградат надвор од овие коишто се веќе предвидени, како Македонија би добила повеќе километри автопати и експресни патишта кои што подобро би ги поврзувале граѓаните, рече Николоски.

Потенцираше дека ќе се обидат да оптимизираат во рамки на предвидените средства, граѓаните да добијат максимум од тоа што може да се извлече од овој договор.

- Државата веќе реализираше дел од обврските по однос на договорот, а сметам дека секој друг чекор би бил штетен за државата, затоа што се тоа веќе потрошени средства и треба сега да се извади максимумот, односно да се изгради максимум автопати и експресни патишта во рамки на договорот. Во однос на делот за надзор, веќе има иницијатива во соодветното Обвинителство и тоа треба да си каже како таму стои работата. Секако, доколку има наводи да се испрати тоа во судот и да судот донесе дали има или нема таму злоупотреба, истакна Николоски.

Во однос на Бугарија, потенцираше дека уставни измени под бугарски дикат нема да има и дека Бугарија треба да ги исполни своите обврски кон Европскиот суд за човекови права и да има гаранција дека нема да има следни вета.

-Во однос на Преговарачката рамка, кажано е дека никој од нас не бара промена на Преговарачката рамка. Ние бараме Бугарија да ги почитува своите обврски и второ, дека ние нема да направиме уставни измени под бугарски диктат. Ако ЕУ смета дека Македонија треба да преговара и да стане членка има многу механизми со кои може да ја натера Бугарија да го повлече ветото, ако смета дека не треба да преговараме, тогаш нема да преговараме и ќе ја развиваме државата самостојно, изјави Николоски. бт/бак/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан