• четврток, 26 декември 2024

Николовски и Тренчевска: За првпат преодно решение за надомест за породилно за жените земјоделки, се очекува и системско решение 

Николовски и Тренчевска: За првпат преодно решение за надомест за породилно за жените земјоделки, се очекува и системско решение 

Прилеп, 10 март 2023 (МИА) - Жените земјоделки кои родиле од декември минатата до крајот на оваа година ќе добиваат по 81 000 денари за девет месеци. Тоа е привремената мерка на Министерството за земјоделство што се реализира и има обезбедено средства, рече Љупчо Николовски, министер за земјоделство. Тој заедно со министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и со Васка Мојсковска, претседателката на Националната федерација на фармери беа на трибина во општина Кривогаштани во Прилепско каде денеска беше презентирана Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност и поддршките наменети за земјоделките преку Програмата за финансиска поддршка за рурален развој 2023 година.

Според Министерот Николовски ова преодно решение треба да биде вовед во системско.

-По толку време е најдено преодно решение. Спроведуваме програма која за првпат се носи. Со оваа програма даваме можност на сите жени - земјоделки кои се регистрирани според законот за пензиско осигурување од оваа година, односно жените-земјоделки кои ќе родат, а тоа важи од 11 декември 2022 до 1 декември 2023 година ќе се стекнат со истото право од еднократен надомест од 81 000 денари, како што го имаат тоа право и другите жени кои работат и чии права се регулирани според Законот за работни односи. Ние, заедно со вас, направивме преодно решение и верувам дека оваа година ќе се најде системското решение со другите институции.  Но, еве, ова е прва година, за првпат дека и жените-земјоделки ќе имаат платено мајчинство, издвоени се средства и ќе добијат во вкупен износ од 81 000 денари, рече Николовски.

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска нагласува дека од 2019 година се работи да се изнајде решението да биде системско,  меркатаќе го зголеми наталитетот и мотивот за работа на жените-земјоделки.

-Со Федерацијата почнавме од 2019 година да работиме да најдеме решение за и жените земјоделки да имааат исти права како и другите жени кои работат, а тоа е правото на породилно отсуство, правото на мајчинство. Дојдовме до ова решение што го даде Министерството за земјоделство. Најдовме привремено решение, преку програма на -Министерството за земјоделство да може да ги видиме бенефитите од ова привремено решение. Не престануваме и заедно со Националната федерација  продолжуваме да работиме за изнаоѓање системско решение. Да не биде во програма, да биде во закон кој ќе овозможи, од една страна, да не ги дискриминираме младите жени земјоделки, а од друга страна,една ваква мерка е одлична за зголемување на наталитетот. Сега овозможуваме надомест, всушност економско зајакнување за жените кои се породолиле, зашто во период од девет месеци од оваа програма ќе земааат надомест. Како Министерство ќе продолжиме да работиме за подобрување на положбата на жените, на сите жени во државава. Тоа е и целта на нашата кампања „Гласна и храбра“. Да помогнеме и да допреме до жените со попреченост, до жените жртви на насилство, до жените од руралните средини, до жените во секторот безбедност, до жените во здравството, до жените работнички во текстилната индустрија. да поразговараме, да ги слушнеме мислењата, потребит еи интересите и врз основа на тоа да можеме да ги креираме идните политики, рече Тренчевска.

Васка Мојсовска, претседателка на  Националната федерација на фармери нагласи дека ќе инсистираат и на платеното боледување за земјоделците.

- Добро е што сме поддржани од надлежните институции за унапредување на положбата, особено, на жената-земјоделка. ќе продолжиме да работиме оваа мерка на Министерството за земјоделство да биде дел од закон за трајно решение. Да се најде соодветно решение и за боледувањето на регистрираните земјоделци, преку продолжување на работата на координативната група, смета Мојсовска.

Министерството за земјоделство  најавува и грантовска поддршка на малите земјоделски стопанства и на традиционалното и најбитно производство на храна. Огласите се објавени. Ги поддржува клучните 25 производи за развој на земјоделскостопанскиот развој.

-Вчера е објавена уште една нова програма, а тоа е Финансиска поддршка на мали производители на храна. Ги олеснивме сите услови за да може многу лесно да се регистрираат сите физички и правни лица и од оваа година, за првпат даваме финансиска поддршка за производителите на храна, од животинско и од растително потекло. Објавени се двата јавни повици за грантови за финансиска поддршка или грантови од 10 000 евра за сите регистрирани мали оператори со храна, евидентирани или регистрирани во Агенцијата за храна и ветеринарство за опрема за проширување и зголемување на производството, за капацитетите и можност легално да ги продаваат производите од фарма, нешто што не беше возможно во претходниот период. Во последните 30 дена нашите тимови одржаа обуки со сите советници во населените места. Програмата за рурален развој е напредна. Ќе финансираме финален производ, производ кој се бара на светските пазари. Затоа избравме 25 производи кои се најбарани и најзначајни од нашето поднебје и ги финансираме, рече во кривогаштани министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Сите досегашни мерки се причина за три години за 5000 да се зголеми бројот на жени регистрирани носителки на земјоделски стопанства. Според податоците, ако во 2018 година имало 24 321 носителка на земјоделско стопанство регистрирана во Единствениот регистер и со сите програми и мерки, на крајот од 2022 година се 29 111 регистрирани носителки на земјоделски стопанства. ем/аа/

 
Фото: МИА

Остани поврзан