• понеделник, 23 декември 2024

Македонските експерти вратија 20 украдени икони во земјава, во тек е постапка за враќање на нови 36

Македонските експерти вратија 20 украдени икони во земјава, во тек е постапка за враќање на нови 36

Струга, 14 jануари 2024 (МИА) - Професионалноста, стручноста, умешноста и синхронизираноста меѓу политичката, културната и црковната дипломатија овозможија прв пат во историјата една држава на друга да и врати бесправно одземено културно наследство. Враќањето на 20-те украдени икони од цркви во западниот дел на земјава, пред 10 години запленети во Албанија, покажа дека и најделикатните прашања се решливи со меѓусебен дијалог и соработка.

Проф. д-р Сашо Цветковски, историчар на уметност, член на МАНУ и одличен познавач на културното наследство во црквите во западна Македонија, кој беше дел од тимот што работеше на реституција на културното наследство, вели дека процесот воопшто не бил лесен. Во разговор за МИА, тој открива дека најголема придобивка имале од истражувањата направени изминатите 20 години и воспоставениот систем на познавање на состојбите во црквите.

Овие 20 икони, од кои повеќе од половина се од Струшко, се само мал дел од украденото во македонските цркви. Во периодот меѓу 2008 и 2013 година од црквите во западниот дел на државата украдени се приближно 600 икони. Во втората фаза од проектот во црковните депоа во Албанија идентификувани се уште 35/36 икони од дебарско-реканскиот крај, но процесот на препознавање треба да продолжи и во наредниот период.

Преку долг и тежок процес до конечни резултати

Враќањето на иконите во сопствената земја, според Цветковски, било долг и тежок процес. Веста за успешната акција на албанската полиција во 2013 година, во која беа пронајдени над 2.000 икони и други црковни предмети, како и предмети од применета уметност, одекна во регионот. Токму преку медиумите, македонските историчари на уметноста успеале да забележат неколку наши икони.

- Тоа за нас беше доволно за да ја иницираме целата постапка и првото наше одење во Албанија во 2013 година. Тогаш идентификувавме 20 икони, од мноштвото, кои дел беа од Албанија и од Грција. Тој процес беше долг и помина низ различни фази. Прво требаше да се направи идентификација, да се вклучат правосудните органи и да се почне правна постапка. Откако заврши, ние имавме можност да побараме и официјално да се вратат иконите. Враќањето се случи во декември минатата година. Точно 10 години откако успеавме да ги идентификуваме - декември 2013 година во Албанија, појаснува Цветковски.

На овие икони сега им претстои процес на конзервација и реставрација. Кај дел од нив забележани се ретроградни процеси, црвојадина, што треба да се санира и конзервира, односно да се третираат професионално, а доколку има потреба и да се реставрираат. Потоа ќе бидат изложени.

Стручноста на историчарите и регистарот на икони најголема помош во постапката

Македонските историчари, подготвени за целиот тој настан, за само неколку часа ги издвоиле 20-те икони, кои им припаѓаат на црквите од Струшко и Преспа.

- Многу спремно пристапивме и сериозно се подготвивме за целиот овој процес на идентификација. Ни требаа само неколку часа да ги издвоиме нашите икони, да направиме првична идентификација, да ги покажеме деловите од документацијата со која располагаме, теренска и од националниот конзерваторски центар. Така ја почнавме и првата фаза околу процесот на тогаш можното враќање на иконите, а сега целосно реализиран проект, вели Цветковски.

Истражувањата на македонските научници, направени изминатите 20 години и регистерот на икони, нагласи дека најмногу помогнале во целата постапка на идентификација. 

- Благодарение на нашите истражувања направени изминатите 20-тина години, воспоставивме една многу прецизна споменична топографија, еден добар систем на познавање на состојбите внатре во црквите. Основните процеси на идентификација на откривање веќе ги завршивме, но завршивме и добар дел во атрибуцијата во препознавањето на иконите и атрибуирањето кон одредени зографи. Имаме резултати. Да не беа тие научни истражувања, не знам како ќе успеевме да се носиме со целата ситуација, смета Цветковски.

Најголема придобивка, повторува, биле регистрите со чија помош работите биле ставени под контрола.

- Тие регистри нам ни беа прирачници од кои тргнувавме и врз кои ја градевме научната анализа и тоа за нас беше од најголемо значење. Имавме истражено добар дел од тоа културно наследство и објавено во нашите книги, што беше аргумент плус, кога во 2019 официјално го испративме барањето до албанската Влада за враќање на нашите икони, нагласува научникот.

Вратените икони дел од богатата македонска ризница на уметност од 19 век

Вратените икони се дел од богатата македонска ризница, дела на познати македонски зографи. Три се од крајот на 18. век, а останатите од 19-тиот век.

- Повеќе од половина од вратените икони се од струшкиот регион, од пределите на струшка Малесија. Пет од црквата во село Селци, три од Радожда и неколку од црквата во Буринец, а останатите од црквите во Преспа, од Долно Перово и Ѓавато. Тие од Струшко се дела на дебарски зографи, а од Преспанскиот регион се дело на пелагониски зографи, кои околу средината на 19 век доаѓаат од северен Епир, тоа се тие епирски зографи, истакнува Цветковски.

Според него, тоа се вредни и значајни икони, неколку припаѓаат на Дичо зограф, на син му Аврам Дичов, нивните ученици и следбеници браќата Јосиф и Јакоф Радеви, како и Серафим зограф - од работилницата на Дичо зограф.

- Тоа е уметност од времето на преродбата, 19 век. Најголем број икони во Македонија или над 95 проценти потекнуваат токму од тој период. Говориме за бројка од 30.000 икони со кои ние располагаме како држава, како црква и култура. Тоа е време кога по период од неколку векови на силен притисок од османлиските власти на христијанското населние се случуваат реформи во Турската империја, кои овозможуваат непречено градење цркви, конфесионалната рамноправност на православните во рамките на империјата дава можност од 30-тите години на 19 век да почне интензивна градба на нови цркви, обнова на старите. И тој бран ќе трае до крај на 19 век, појаснува Цветковски.

Непроценлив дел од македонската историја

За проценка на вредноста на украдените икони не може да се зборува. Тие се дел од нашата историја и традиција.

- За материјалната вредност не можам да кажам. Таа е голема, но ние не можеме да ја утврдиме, кај нас не постои таков пазар. Вредноста за нас е многу поголема, тие се дел од нашата историја и традиција, дела на наши зографи. Влогот на нашите зографи и нашата култура што се создавала во Западна Македонија е многу голема во рамките на една поширока балканска култура на 19 век. Тоа е едно навистина големо време што треба постојано да го афирмираме и потенцираме, уделот на македонската култура во балканската култура на 19 век и силното влијание посебно во делот на уметноста што го има остварено, нагласува Цветковски.

Крадците добро организирани, крајна цел американскиот пазар

Крадците на икони, кои од црквите во западниот дел на државава направија огромни штети и бесправно одзедоа скоро 600 икони во периодот од 2008 до 2013 година, биле добро организирани со логистичка и материјална поддршка.

- Сега пред две недели, од колегите од Албанија дознавме дека тие биле навистина добро организирани. Имале добра логистика од страна и материјална и опрема. Имале разработена шема на влегување во Македонија, опсервирање на теренот, согледување на состојбата, влегување во црквите. Биле вклучени и граѓани на Албанија, кои долго живееле во Америка, тие го обезбедувале пазарот, информира Цветковски.

Единствена цел, нагласува, им била материјалната добивка, односно да се продадат во Америка или некаде на запад, каде што постојат такви црни пазари.

Поголемата заштита на црквите вроди со резултати

Во периодот од 2009 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони. Само на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Струга, како што информира за МИА портпаролот Стефан Димоски, имало 22 пријави за „кражба“ и „тешка кражба“ на икони од цркви. Три пријави за кривични дела „тешка кражба“ во цркви во Струшко, според него, имало и во 2017 година.

- Кривичните дела се извршени во цркви лоцирани во Струга, Вевчани како и во селата Мали Влај, Радожда, Ташмаруништа, Долна Белица, Безово, Јабланица, Луково, Селци, Буринец, Модрич, Дренок... Во останатите години, пријавени се кражби од цркви со одземање пари и друг црковен прибор, изјави Димоски.

Уште во тој период, според Цветковски, било инсистирано на повисок степен на заштита на црквите, со поставување видео надзор и аларми, а онаму каде што било невозможно старите и вредни икони се повлечени и заменети со копии.

- Тоа се предели, кои во зимските периоди не се населени што доведува до вакви појави. Ние навистина многу се заложивме, посебно Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Тимотеј, да се запрат тие процеси и да се вложи во обезбедување на објектите. Но, од Струга до Дебар немаме ниту еден полициски пункт. И тука работите почнаа во 2008 година кога се укина полициската станица во Луково, пункт кој ги контролираше скоро сите движења на патот Струга - Дебар, месец, два потоа почнаа кражбите и интензитетот само се зголемуваше. Од 2013 се намалија кражбите скоро и да ги нема, вели Цветковски.

Процесот на препознавање икони во Албанија продолжува

Македонскиот тим експерти, историчари на уметноста и конзерватори, сеуште работи на идентификација на иконите во црковните депоа во Албанија. Во втората фаза од проектот за враќање на културното наследство досега биле препознаени 35/36 икони, сите од дебарско - реканскиот крај. Но процесот трае, дел од запленетите икони биле дислоцирани во црковните депоа во Корча и Берат, па во наредниот период ќе биде направен увид и таму, со надеж дека ќе биде идентификувана уште некоја икона.

- Сега имавме можност да го видиме и другиот дел од запленетите икони и таму идентификувавме 34/5 икони, можеби и 36. Сите од дебарските цркви, малореканските, најмногу од Тресонче, од Селце, Росок, Лазарополе, од црквата во Дебар. Имаме сознанија дека дел од запленетите икони албанските колеги ги дислоцирале во црковните депоа во Корча и Берат. Ни претстои одење до таму, да ги провериме и да направиме увид и можеби ќе идентификуваме уште по некоја икона, вели Цветковски за МИА.

Изразува благодарност до албанските колеги, кои покажале високо колегијално ниво, љубезност и посветеност кон целиот процес, за што имаат поддршка и помош од нашиот научен тим, кој ги ставил на располагање сите истражувања направени во Албанија што ќе им помогне во идентификување на нивните уметнички дела и од кои објекти се изнесени.

Западниот дел од Македонија, односно Дебарско - кичевската епархија, која има над 1.200 црковни објекти, располага со голем број икони со голема историска вредност. Се работи за врвни дела од македонската уметничка ризница од 19 век, насликани пред се од автори од дебарската зографска школа.

Слаѓана Стојкова Костоски

Фото: МИА и проф. др Сашо Цветковски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан