• понеделник, 23 декември 2024

Нетанјаху: Израел не сака да ја окупира Газа, но таму мора да влезат „уверливи сили“ за да ја спречат воената закана

Нетанјаху: Израел не сака да ја окупира Газа, но таму мора да влезат „уверливи сили“ за да ја спречат воената закана

Тел Авив, 10 ноември 2023 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека неговата земја не сака да ја освои, окупира или владее со Газа по војната против Хамас, но, доколку е потребно, во палестинската енклава ќе мора да влезат „уверливи сили“ за да се спречи воена закана.

Кажаното од Нетанјаху во оваа недела дека Израел ќе биде одговорен за безбедноста во Газа, предизвика негативна реакција кај САД, главниот сојузник на Израел.

Вашингтон најави дека ќе се спротивстави на израелската

окупација на Газа по војната, во која Израел се обидува да го уништи раководството на Хамас со бомбардирања на енклавата, до кои дојде по изненадувачкиот напад врз јужен Израел на 7 октомври во кој загинаа 1.400 луѓе.

-Ние не сакаме да ја освоиме Газа, не сакаме да ја окупираме Газа и не сакаме да владееме со Газа, изјави Нетанјаху синоќа за „Фокс Њуз“.

Тој додаде дека во Газа ќе треба да се формира цивилна влада, но дека Израел ќе се погрижи напад како оној на 7 октомври да не се повтори.

-Значи, таму ќе мора да имаме уверливи сили, кои, доколку е потребно, ќе влезат во Газа и ќе ги елиминираат убијците. Ова ќе спречи повторно да се појави група како Хамас, рече Нетанјаху.

Според извештаите од локалните здравствени служби, досега во израелското бомбардирање на Газа загинале над 10.800 Палестинци. 

Американските власти велат дека Палестинската управа, која има ограничена моќ на Западниот Брег, по војната треба да се врати во Газа. Хамас ја презеде контролата врз Газа во 2007 година.

Највисоките палестински функционери, вклучително и Махмуд Абас, велат дека враќањето на Палестинската управа во Газа мора да биде придружено со политичко решение кое ќе стави крај на израелската окупација на територијата што ја зазеде во војната во 1967 година.

Нетанјаху додава дека по војната „Газа мора да се демилитаризира, дерадикализира и повторно да се изгради“. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан