• вторник, 24 декември 2024

Неконтролираното размножување ги полни улиците со бездомни кучиња, неопходен е ефикасен систем на казнивост

Неконтролираното размножување ги полни улиците со бездомни кучиња, неопходен е ефикасен систем на казнивост

Скопје, 24 септември 2023 (МИА) – Неконтролираното размножување ги полни улиците со бездомни кучиња,а несоодветните законски регулативи или неефикасниот систем на казнивост го отежнуваат решавањето на проблемот со уличните кучиња - жртви на несовесното сопствеништво.

Директорката на претпријатието „Лајка“ Радмила Пешева во разговор за МИА информира дека се зголемува бројот на напуштени кучиња со микрочип, заловени на јавен простор без присуство на сопственикот, што според неа укажува на податокот дека системот на контрола не функционира.

-Уште повеќе загрижува фактот што дури и откако ќе ги известиме сопствениците дека кучињата им се заловени во Лајка, не доаѓаат да  си ги земат, што дополнително го оптоварува капацитетот на Лајка. Потребна е измена на постоечката регулатива во насока на засилена контрола на неодговорното сопствеништво, односно законски измени кои ќе значат засилена контрола во однос на регистрирање и идентификација на милениците, нивното размножување, т.е забрана за неконтролирано размножување надвор од регистрирана огледувачница, одданочување на нестерилизиран/некастриран миленик,  како и да се превземат мерки со кои би се превенирало напуштањето на милениците, вели Пешева.

Јавното претпријатие „Лајка“ оваа година заклучно со август имаат заловено 803 кучиња, стерилизирано 438 женки и кастрирано 335 мажјаци. Во истиот период имаат вратено на локација 508 кучиња и вдомено 241 куче. 

Во моментот, во состав на јавното претпријатие има два тима за заловување кои работат со две возила. Претпријатието има шест заловувачи кои имаат поминато обука за заловување. Дозвола за користење на пневматско оружје (за седација) има само едно лице, односно докторот по ветеринарна медицина. 

Овој капацитет, според Пешева, не е доволен, но дури и да се подобри флексибилноста на претпријатието, со тоа целосно не би се решил проблемот со уличните кучиња. Додека не се преземат мерки за запишрање на изворот на проблемот, целосно решение нема да има, децидна е Пешева.

-Со оглед на бројноста на бездомната популација на градските улици и сериозноста на проблемот со секојдневно напуштање на милениците и нивните потомства од страна на граѓаните, сметаме дека зголемен капацитет би помогнал во процесот и би дал резултати за побрз рок, меѓутоа додека државата не превземе мерки за запирање на изворот на проблемот, целосно решение нема да има.  „Лајка“ како јавно претпријатие почнува со својата надлежност од моментот кога одредена единка ќе заврши на улица и наша задача е да ги заловиме со цел да го спречиме нивното размножување и да им обезбедиме примарна здравствена заштита согласно позитивните правни одредби, меѓутоа како тоа куче завршило на улица и дали можело тоа да се превенира, е прашање за други надлежни институции, нагласува Пешева.

Дел од општините не си ги исполнуваат своите обврски

Пешева вели дека претпријатието не добива доволно поддршка од скопските општини. Повеќето скопски општини, вели таа, не соработуваат.

- Имаме огромен проблем со општините кои се задолжени и потпишале договор со Градот Скопје, со Лајка.,Нне учествуваат со својот договорен дел, не ни плаќаат и со тоа на сериозен начин го оштетуваат буџетот и парите што ние ги планираме за да ја поминеме годината. Како претпријатие би биле поефикасни доколку сите општини би си ги исполнувале обврските, вели Пешева.

Посочува дека решение постои, но, вели, нема политичка волја, посветеност и ангажман од страна на институциите на системот.

Преку самосвест до поголема заштита, проблемот со уличните кучиња произлегува од човекот

За надминување на проблемот со уличните кучиња, според директорката на „Лајка“, недостасува и едукација, односно кампањи преку кои граѓаните ќе станат посвесни за тоа каков проблем предизвикуваат со напуштањето на домашните миленици. 

-Сметаме дека недостасува едукација, односно кампањи преку кои граѓаните ќе станат посвесни за тоа колкав општествен проблем предизвикуваат со своето неодговорно однесување, но од друга страна фали и ефикасен систем на казнивост кон неодговорните сопственици, кој подразбира повисоки глоби и неселективност при постапувањето на надлежните институции, нагласува Пешева.

Во дел од европските држави се плаќа данок доколку сопственикот не го стерилизира сопственото куче, а во земјава тоа не случај. 

Проблемот со бездомните животни е глобален. Во светот има околу 200 милиони кучиња скитници, а  Холандија е првата земја која неодамна целосно го реши проблемот со бездомните животни.

Холандската Влада  тоа го постигна со воведување бесплатна, но задолжителна стерилизација, закони со високи казни за напуштање на миленик кои предвидуваат најмалку три години затвор или казна до 16.000 долари како и високи даноци за купување миленик. 

Симона Србиноска

Фото: МИА 

Видео: Аслан Вишко

Остани поврзан