• четврток, 07 ноември 2024

Неказнивност за семејно насилство - во Тетовско ниту една ефективна затворска казна во 2020 година

Неказнивност за семејно насилство - во Тетовско ниту една ефективна затворска казна во 2020 година
Тетово, 27 март 2021 (МИА) - Слаба или речиси никаква казнивост е карактеристика за многу негативни општествени дејанија во земјава, а меѓу нив спаѓа и семејното насилство како форма на родово базирано насилство. Веќе долги години јавноста преку медиумите се запознава со состојбата во која сторителите на семејно насилство не се соочуваат со соодветни казни, иако општеството бележи тренд на се позачестено пријавување на физичките, психички и сексуални напади во кругот на семејството. Статистичките показатели, но и искуствата на луѓето во оваа област ја докажуваат неказнивоста со што семејното насилство станува еден од најсериозните предизвици со кои треба да се соочат институциите. Ова особено важи за провинциските делови на државата како тетовскиот регион, најголемиот по главниот град. Анализирајќи го институционалното справување со семејното насилство во тетовскиот регион се согледува дека сторители на вакви дела има многу, а најтешките случаи претежно поминуваат со условни казни. Такви се примерите на евидентираните предмети на семејно насилство за кои се водело постапка во Основен суд Тетово кои се претходно пријавени во Секторот за внатрешни работи Тетово. Во 2020 година нема ниту една ефективна казна затвор при кривичен прогон за претходно сторено родово базираното насилство во форма на семејно насилство во тетовскиот регион. Ова го покажуваат податоците на судот во Тетово, каде се воделе 24 судски постапки. Од друга страна во полицијата во текот на целата 2020 евидентирани се вкупно 257 кривични дела, прекршоци и поплаки за семејно насилствo. Овие статистички показатели, но и работата на луѓето во оваа дејност укажуваат на состојбата дека има многу пријави од жртви до полицијата но потоа само мал број од пријавените сторители се соочуваат со посериозни казни како начин да бидат спречени во иднина да го повторат родово базираното насилство. Во текот на целата 2020 година во тетовската полиција постојано се бележат пријави за семејно насилство па се евидентирани вкупно 257 такви примери. Од вкупниот број за 74 од страна на полицијата се поднесени кривични пријави до Обвинителството. Потоа, 13 се случаи на пријави кои завршиле со прекршочни поднесоци, а останатите 170 случаи се заведени као поплаки за семејно насилство. Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, вели дека според евиденцијата на нивниот аналитички центар од вкупниот број 74 кривични дела најбројни се оние со употреба на физичка сила и нанесување телесни повреди како и загрозување на сигурноста. Според статистиката на тоа кој го сторил насилството доминира родово базираното насилство. -Најголемиот број од сторителите инволвирани во овие дела се машки лица, пред се сопрузи, поранешни и невенчани сопрузи, синови и други членови на семејство, додека меѓу жртвите на ваковиот вид насилство најзастапени се женските лица, сопруги, поранешни и невенчани сопруги, мајки, сестри и така натаму. Најчести причини за семејното насилство лани се психичките растројства, акохолот и во неколку случаи-наркотични средства. Најмногу од делата се бележат во четвртото тримесечие (29) и сите се заокружени со соодветни поднесоци, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово. Но, кога сите тие 74 кривични пријави од полицијата стигнале до Обвинителството, само за 24 се поведени судски постапки. За сите 24 судски постапки во тетовскиот суд има разрешница со судска пресуда, но тука се согледува најголемиот показател за неказнивоста при правење на ова кривично дело. Во тие 24 судски процеси никој не добил ефективна затворска казна и пријавените сторители добиле условни казна, што значи дека ќе одат во затвор само доколку го повторат делото во определен временски период. Дури и за овие 24 предмети, само 10 се со условна осуда, додека останатите се повлечени од тужителите. -Во 2020 година во Основен суд Тетово се водени вкупно 24 предмети за кривично дело семејно насилство. Решени се сите 24 постапки (предмети) донесени се вкупно 10 осудителни пресуди и тоа три пресуди условна осуда од три месеци затвор доколку делото го повтори во рок од една година. Потоа 7 пресуди за условна осуда од шест месеци затвор доколку делото го повтори во време од една година. За останатите 14 предмети се повлечени од страна на подносителите/пријавителите, се вели во известувањето од Основен суд Тетово. Искуството на Верица Тимосиевска, како адвокат, правен консултант и советник најпрецизно ја покажува неказнивоста при случаите на семејното насилство во тетовскиот регион. Таа во изминатите 20 години има работено како адвокат и како консултант во Центарот за правна помош при невладината организација „Женски Форум“ во Тетово. -Во цела 20-годишна работа на предмети што се однесуваат на предмети од семејно насилства во кривична постапка ретко имало ефективна казна затвор и сите биле условни казни. Освен мене во Тетово, вакви постапки во одбраната на жртви од семејно насилство воделе уште неколкумина адвокати, но знам дека и во нивните предмети ретко биле досудени ефективни затворски казни. Знам дека нема во 2020, немало ниту во 2019 година. На што се должи ова јас не можам да генерализирам, но сепак поради долгогодишното искуство имам лично мислење дека не е дојдено време кај нас, не е созреан степенот на прифаќање на фактот дека семејно насилство постои и дека не е така банално за да може да се казнува со условна казна. Мислам дека тоа е факторот што одлучува кај судиите, истакнува Тимосиевска. Според правничката Тимосиевска, големо влијание во целиот овој процес влијание имаат институционалните слабости, конзервативната средина, менталитетот и специфичните општествени односи и вредности. -Едноставно за жал се уште не се сфаќа толку сериозно семејното насилство на ниво на цела држава, не само од правосудни органи, туку општо од сите, што се надлежни како Центар за социјална работа, Обвинителство, полиција, суд, сите тие институции вклучени во системот за заштита на жртви од семејно насилство. Нема степен на прифаќање на семејно насилство како кривично дело за кое треба посериозен пристап и казна. Обично при судските процеси се наоѓаат олеснителни околности за да се досуди условна казна. Во полиција сите дадени изјави за претрпено семејно насилство не се проследени со кривична пријава, многу голем дел од нив завршуваат со барање за поплака и писмено предупредување на насилникот. Дури и во случај на кривична пријава најчесто од Обвинителство ќе пуштат до судот обвинителен предлог и кога ќе треба да се ефектуира на судење обично доаѓа до условни казни. Некогаш и со парична казна, но најголем дел се условни казни, објаснува таа. И жртвите на семејно насилство, пред се жените сопруги, според нејзниното долгодишно исуство понекогаш самите се откажуваат од кривичен прогон поради повеќе видови на страв кај нив. - Често жртвите самите кажуваат дека не сакаат ефективна казна затвор. Тоа го кажуваат од причина што ако насилникот оди во затвор, а обично се тоа сопрузите на жените, ќе ја издржи казната затвор, па ќе се врати дома. Тука се појавува проблем - каде ќе оди жената во тој момент. Моето искуство покажува дека насилниците знаат да се одмаздуваат со уште поинтензивно насилство отколку што тоа било претходно. Така што од страв да не им се случи нешто полошо жените некогаш се откажуваат од водење кривична постапка до крај, објаснува Верица Тимосиевска. Во значителен број случаи стравот кај жените жртви е поради нивната неизвесност за тоа како ќе егзистираат со децата, ако самите не заработуваат или се економски зависни од сопругот. - Тука некои од жртвите се соочуваат и со психичко насилство што се манифестира на начин што сопругот и забранува да излегува од дома, и забранува самостојно да работи и заработува и фактички економски да биде зависна од него. Кога економски би била силна би имала и самодоверба па ќе остане доследна до крај во постапката. Егзистенционалната зависност кај жените е пречка уште при првите соочувања со домашното насилство да се оттргне од насилникот заедно со децата, потенцира Тимосиевска. Конзервативните сфаќања се, исто така дел од проблемот според Тимосиевска. - Тоа се тие конзервативни погледи кои уште постојат кај нас па често дел од жените имаат чувство на вина дека таа самата придонела. Тие остануваат при конзервативните и традиционални сфаќања дека се жени и дека треба тоа да го истрпат. Жената си става чувство на вина дека таа е виновна што и се случува, а таквото мислење го наметнува конзерватизмот што се уште постои кај нас, објаснува правничката од Тетово. Во надминување на проблематиката со разни активности се обидува да влијае и невладиниот сектор. Центарот за правна помош при Здружението „Женски Форум“ во Тетово кој нуди бесплатни услуги во 2020 на 40 жени има дадено правни совети и упатување до институции вклучени во системот за заштита од семејно насилство-како да пријават случај во институциите, предлог за мерки за заштита, тужби за развод, приговори и писмени поднесоци со кои се заокружувала правната помош. Во истражувањето насловено „Евалуација на стандардите за фер судење и пристап до правдата во судски предмети од областа на семејното насилство“ каде се опфатени податоци добиени од следење на предмети на суд на национално ниво се вели дека преку увидите во правосилно завршените предмети, дури 46 отсто од случаите во кои е задолжителна волјата на жртвата или оштетениот за прогон на сторителот, истите го имаат повлечено предлогот за гонење. Македонското здружение на млади правници со проектот „Креирање култура кон родова еднаквост“, со повеќе активности се насочува кон поддигнување на јавната свест и спречување на насилството врз жените. Александар Самарџиев

Остани поврзан