• сабота, 23 ноември 2024

Недостигаат мерки за подобра инклузија на руралната жена на пазарот на труд, потребни се чекори за подобрување на состојбата

Недостигаат мерки за подобра инклузија на руралната жена на пазарот на труд, потребни се чекори за подобрување на состојбата

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) - Преземените мерки и активности од надлежните органи не се доволно ефикасни во создавањето на услови за инклузија на руралната жена на пазарот на трудот. Не е обезбедена доволно еманципација, ниту пак се обезбедува соодветна вредност на нејзиниот труд, односно плата. Континуирано, последните децении надлежните органи немале слух за регионалниот рамномерен развој. Ова е процес кој што трае и упатува на потребата од преземање дополнителни мерки, беше посечно денеска на завршниот настан за презентација на Заедничкиот ревизорски извештај од регионалната кооперативна ревизија на успешност.

Извештајот, што беше презентиран во Скопје, е на тема „Родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд”, и е спроведен меѓу Државниот завод за ревизија, како координатор на оваа регионална ревизија и Врховните ревизорски институции на Република Албанија и Република Косово, со поддршка на Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women.

Главниот државен ревизор Максим Ацевски во своето обраќање на настанот посочи дека согласно ревизорските активности кои што ги спроведува Државниот завод за ревизија, констатирано е дека во суштина преземените мерки и активности од надлежните органи не се доволно ефикасни во однос на создавањето на услови за инклузија на руралната жена на пазарот на трудот.

-Ако ги погледнете самите податоци кои што се презентирани во ревизорскиот извештај, на поставените три клучни области во самата ревизија дали имаме соодветни дизајнирани мерки и активности во стратешките планови, ќе констатираме дека отсуствуваат ефективни мерки. Ако ги погледнете пишаните состојби во делот на она што значи дали надлежните органи преземаат доволно мерки за едукација на руралната жена и нејзината еманципација и појавата на пазарот на трудот, исто така ќе забележиме дека не се доволно ефективни мерките, рече Ацевски.

Тој додаде дека и на прашање дали обезбедуваме квалитетни јавни услуги за руралната жена, исто така одговорот не задоволува, бидејќи немаме доволно создадени јавни услуги за руралната жена.

-Степенот на изградени градинки за деца во руралните средини не соодвествува, а да не зборуваме за изградените домови за стари лица во руралните средини. Ако ги погледнете самите факти во другите ревизорски извештаи, кои што се поврзани со овој ревизорски извештај, во делот на она што значи вложување во рамномерен регонален развој, ќе забележиме дека имаме несоодветни или недоволно позитивни податоци во делот на вложување на рамномерен регионален развој, додаде Ацевски.

Како што напомена, според конечниот ревизорски извештај за ревизија на буџетот на државата, кој што беше објавен вчера, а каде што согласно закон државата треба да издејствува еден отсто од бруто домашниот производ за рамномерен регионален развој, констатирале дека издвојувањето на паричните средства за рамномерен регионален развој е 0,09 отсто.

-Ефектот или последиците за таквото несоодветно постапување и не водење доволно грижа за рамномерен регионален развој предизвикува  четири отсто од територија на Македонија е е депопуларизирана, да нема популација. Во 205 населени места во нашата територија нема ниту еден жител, а на 215 населени места има помалку од десет жители. Тоа укажува дека населението во руралните средини масовно се иселува, а ова е поврзано и со несоодветна улога и позиција на руралната жена, додаде Ацевски.

Според Ацевски, руралните жени се носители на промени за намалување на сиромаштијата, генерирање на приходи и можности за вработување што е клучен придонес за одржлив развој на заедницата.

-Мојата парадигма е во суштина, со нашите активности, со активностите на надлежни органи, да не дозволиме урбаната жена да ја направиме индустриска жена. Во тој случај, последиците ќе бидат далекусежни, посочи Ацевски.

Според главната ревизорка од Национална ревизорска канцеларија на Косово, Вљора Спанца, заедничката ревизија на Македонија, Косово и Албанија, покажа дека сите три влади не направиле доволно за задоволително вклучување на руралните жени на пазарот на трудот.

Таа упати порака до сите функционери кои се надлежни за родовата еднаквост да ги почитуваат резултатите од оваа заедничка ревизија и да преземат чекори за подобрување на состојбата во блиската иднина.

-Ова е одлична можност да испратиме порака за вклучување на жените на пазарот на трудот, зајакнување на нивната позиција во општеството и да создадеме еднакви можности на пазарот на трудот. Во оваа прилика упатувам порака до сите високи функционери под чија надлежност е родовата еднаквост и економското зајакнување на жените и нивната подобра вклученост на пазарот на трудот, да ги почитуваат резултатите од нашата заедничка ревизија и да преземат чекори за подобрување на состојбата во блиската иднина, изјави Спанца пред почетокот на настанот.

Таа напомена дека трите државни ревизорски институции Косово, Македонија и Албанија се обврзуваат дека ќе работат за подобрување на целите за одржлив развој и агендата 2030 од Организацијата на Обединетите нации.

Директорот за ревизија на успешност, Алфред Зулфи пред настанот изјави дека трите ревизорски тимови ги претставија своите наоди и укажаа на предизвиците со кои се соочуваат сите три држави во ова поле.

-Работевме да ги исполниме целите за одржлив развој на Обединетите нации, а посебно на целта за одржлив развој, кој е поврзан со родовата еднаквост. Сите ревизорски тимови ги претставија своите наоди и позитивните страни, како и предизвиците со кои се соочуваат сите три држави во ова поле, рече Зулфи. бт/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан