• понеделник, 23 декември 2024

Недоволниот сон во бременоста влијае врз невро-развојот кај детето

Недоволниот сон во бременоста влијае врз невро-развојот кај детето

Хефеј, 7 октомври 2024 (МИА) - Бремените жени кои не спијат доволно може да предизвикаат поголема опасност од подоцнежен невро-развој кај детето, посочува ново истражување на Медицинскиот универзитет на Анхуј во Хефеј, источна Кина.

Кај мајките кои во бременоста спиеле во просек помалку од седум часа навечер, влијанието врз невролошкиот развој на бебето бил особено очигледен кај момчињата. Тоа, пак, има последици околу емоционалните, бихејвиоралните, моторните, когнитивните или говорните вештини кај бебињата и е поврзано со нивоата на Ц-пептид во крвта од папочната врвца, како и со лачењето инсулин, се вели во трудот.

Краткото спиење при бременоста претходно беше поврзувано со повисока нарушена толеранција на гликоза, отпорност на инсулин и гестациски дијабетес, што само по себе може да влијае на развојот на бебињата, според истражувачите.

- Со расветлување на врската меѓу сонот на мајката во бременоста и невро-развојот на децата, нашиот труд ги охрабрува семејствата и носи знаење што може да обликува поздрави навики за време на бременоста и за благосостојбата на следното поколение, изјави д-р Пенг Жу, одговорен за истражувањата.

Научниот труд сепак не може да докаже дека лишувањето од сон директно предизвикува доцнење во невро-развојот. Сепак, се знае дека гликозата кај мајката за време на бременоста може да влијае на секрецијата на феталниот инсулин, што е познато дека има влијанија на невролошкиот систем кој штотуку почнува да се обликува.  си/сд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан