На 17 и 18 март средба за кипарското прашање во Женева
- Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш преку писмо го поканил претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис да учествува на проширената средба за кипарското прашање што ќе се одржи во Женева на 17 и 18 март, информираше портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 5 март 2025 (МИА) – Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш преку писмо го поканил претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис да учествува на проширената средба за кипарското прашање што ќе се одржи во Женева на 17 и 18 март, информираше портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина.
Во писмена изјава, владиниот портпарол соопшти дека Гутереш во писмото посочува дека целта на средбата е да има суштинска размена на мислења за постигнување напредок за кипарското прашање.
Објасни дека средбата ќе започне со вечера на 17 март, ќе продолжи на 18 март со билатерални контакти, по што ќе се одржи останок на учесниците во зградата на Обединетите нации, додека деталната агенда ќе биде дополнително објавена.
- Генералниот секретар, паралелно ја повторува цврстата посветеност на Обединетите нации во потрага на заедничка рамка за напредок во кипарскиот проблем, изразувајќи надеж дека овој состанок ќе даде поттик за позитивна динамика за иднината. Како Република Кипар, на оваа проширена средба доаѓаме со конструктивен став и искрена политичка волја, со цел таа да биде отскочна штица за продолжување на преговорите од местото каде што тие се прекинати, соопшти Летибиотис во писмената изјава.
Дипломатски извори за грчката новинска агенција АНА-МПА брифирале дека писмо со официјалната покана од генералниот секретар на Обединетите нации за учество на проширената средба за кипарското прашање добил и министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис.
На средината на октомври минатата година претседателот на Кипар Никос Христодулидис и лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар, заедно со генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш одржаа трилатерална неформална средба во Њујорк, додека на крајот на јануари двајцата лидери одржаа нова средба на Кипар под покровителство на специјалниот претставник и заменик-специјален советник на генералниот секретар на ОН за Кипар Колин Стјуарт и ги разгледаа можностите за отворањето нови премини.
Новиот состанок со генералниот секретар на Обединетите нации се очекува да биде во проширен состав со учество на Турција и Грција.
Преговорите за кипарското прашање беа прекинати во јули 2017 година кога во Кран Монтана не беше постигнато решение. ср/ссм/