На сцената на велешкиот театар гостува претставата „Земја на штркови“ на Театар Провокација од Скопје
- Претставата „Земја на штркови“ вечер во 20 часот ќе биде одиграна на големата сцена на Тетарот„Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, а е работена по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, во режија на Роберт Ристов, кој се потпишува и зад адаптацијата и сценографијата. Костимите се креација и спонзорство на Елена Лука. Автори на музиката се Оливер Јосифовски и Давор Јордановски, вокал Вера Милошевска, а кореографијата е на Кренаре Невзати - Кери.
Велес, 6 декември 2024 (МИА) - Претставата „Земја на штркови“ вечер во 20 часот ќе биде одиграна на големата сцена на Тетарот„Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, а е работена по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, во режија на Роберт Ристов, кој се потпишува и зад адаптацијата и сценографијата. Костимите се креација и спонзорство на Елена Лука. Автори на музиката се Оливер Јосифовски и Давор Јордановски, вокал Вера Милошевска, а кореографијата е на Кренаре Невзати - Кери.
Во претставата играат Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.
Како што информираат од велешкиот театар, претставата „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до кое дереџе сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума! Дејствието на претставата се одвива во Охрид и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија. Едниот – разделен пред 20-тина години, а другиот – го живее моментот на разидување од истите причини.
Претставата е делумно поддржана од Општина Охрид и од неколку општествено одговорни македонски компании и од медиумски покровители.ад/