• понеделник, 23 декември 2024

На аеродромот во Скопје реализиран првиот лет на „AJet“ од аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул

На аеродромот во Скопје реализиран првиот лет на „AJet“ од аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул

Скопје, 13 јули 2024 (МИА) - На Меѓународниот аеродром во Скопје попладнево пристигнаа патниците од првиот лет на турската нискобуџетска авиокомпанија „AJet“ која е подружница на Turkish Airlines.

AЈet ќе сообраќа на оваа редовна авиолинија од скопскиот аеродром со четири неделни фреквенции, или секој понеделник, четврток, сабота и недела. Времето на поаѓање од аеродромот Сабиха Гокчен е во 11:30 часот, а времето на пристигнување на скопскиот аеродром во 13 часот, додека поаѓањето од Меѓународниот аеродром Скопје е во 14 часот, а времето на пристигнување на аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул е во 15:30 часот. 

Авиобилетите се во продажба на веб сајтот на AJet.

Оваа авиокомпанија сообраќа на домашни летови и меѓународни летови до Северен Кипар, Западна Европа и Западна Азија од нејзината база на Меѓународниот аеродром Сабиха Гокчен. 

- Воведувањето на оваа нова редовна авиолинија од Меѓународниот аеродром Скопје што го поврзува Скопје со Истанбул, на која лета AJet, е значајна пресвртница во стратегијата за проширување на AJet, по преземањето и започнувањето со операции од скопскиот аеродром до Бодрум и Анталија, во јуни, со што се зајакнува поврзаноста меѓу Турција и Северна Македонија. Покрај тоа, оваа авиолинија ги подобрува можностите за патување меѓу Скопје и Истанбул, велат од ТАВ Македонија.  

Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, со оваа нова редовна линија од Скопје до Истанбул и обратно се збогатува понудата на ТАВ Македонија за патување. 

Од авиокомпанијата AJet, пак, велат дека со оваа нова авиолинија не само што ги зајакнуваат врските меѓу двете земји, туку и им понудат и повеќе опции за патување на нивните клиенти.

- Оваа нова авиолинија не само што ги зајакнува врските меѓу нашите две земји, туку и ја поддржува нашата цел да им понудиме повеќе опции за патување на нашите патници. Во AJet, остануваме посветени на обезбедување прифатлива услуга и постојано подобрување на патничкото искуство за нашите клиенти, вели Керем Сарп, главен извршен директор на AJet.

Според информациите на ТАВ Македонија, во првата половина од годинава на двата аеродроми во земјава опслужени биле 1.458.299 патници што значи пораст од девет проценти споредено со истиот период лани. Во однос на бројот на летови, во првите шест месеци од годинава реализирани се 11.843 летови, или 15 проценти повеќе во однос на лани. бак/

Фото: ТАВ Македонија 

Остани поврзан