• понеделник, 23 декември 2024

Најмалку 40 загинати во денешните израелски напади низ Појасот Газа

Најмалку 40 загинати во денешните израелски напади низ Појасот Газа

Газа, 15 октомври 2024 (МИА) - Израелските војници денеска извршија напади низ Појасот Газа, при што беа убиени најмалку 40 Палестинци, а израелската војска ги зголеми притисоците околу бегалскиот камп во Џабалија, на северот од окупираната палестинска енклава, каде што се водат борби против припадниците на Хамас.

Палестинските здравствени претставници соопштија дека најмалку 11 лица загинаа од израелски оган близу Ел Фалуџе во Џабалија, најголемиот од осумте бегалски кампови во Појасот Газа, додека 10 луѓе загинаа во израелски ракетен напад на една куќа во Бани Суахила, источниот дел од градот Кан Јунис, на југот на палестинската енклава.

Порано денеска, во израелски воздушен напад на Сабра, предградие на Газа, беа уништени три куќи, а локалната служба за итна помош соопшти дека се извлечени две тела на местото на експлозијата и дека продолжува потрагата по 12 лица, за кои се верува дека биле во куќите за време на нападот.

Во извештаите се наведува дека уште пет лица загинале кога беше погодена една куќа во кампот Нусејрат, во централната Газа.

Канцеларијата на ОН за човекови права соопшти денеска дека се чини дека израелската војска „целосно го одвојува северот на Газа од остатокот од Појасот Газа“.

„Среде интензивни судири и наредби за евакуација во северна Газа, семејствата се соочуваат со незамислив страв, губење на саканите, конфузија и исцрпеност. Луѓето мора да имаат можност да избегаат безбедно, без дополнителна опасност“, се наведува во соопштението на Адријан Цимерман, шеф на подделегацијата на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа. ссм/

фото: архива

Остани поврзан