Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за конфликтите на Блискиот Исток и во Украина
- Министрите за надворешни работи на Европската Унија денеска треба да разговараат за најновите случувања на Блискиот Исток и за тековната поддршка за воено разурнатата Украина.
Луксембург, 21 април 2026 (МИА) – Министрите за надворешни работи на Европската Унија денеска треба да разговараат за најновите случувања на Блискиот Исток и за тековната поддршка за воено разурнатата Украина.
На состанокот во Луксембург, на министрите ќе им се приклучи и либанскиот премиер Наваф Салам за разговори за ситуацијата во неговата земја.
Високите дипломати, исто така, треба да се осврнат на војната во Иран и нејзините пошироки регионални импликации, вклучително и тензиите во Ормуската Теснина, пренесе ДПА.
Во врска со Украина, министрите ќе добијат информации преку видео-врска од министерот за надворешни работи Андриј Сибиха за најновите случувања долж линиите на фронтот.
Во Брисел и Киев надежите се големи дека наскоро може да се спроведат нов пакет санкции против Москва и заем од 90 милијарди евра (106 милијарди долари) за Украина, бидејќи унгарскиот премиер Виктор Орбан треба да ја напушти функцијата во мај по изборниот пораз.
Се очекува министрите да разговараат и за тоа како ЕУ би можела да соработува со Киев за долгорочната стабилност на Украина, вклучително и поддршката за ветераните и напорите за деминирање.
На агендата се и придонесот на ЕУ во мировниот процес меѓу Ерменија и Азербејџан, како и ситуацијата во Грузија. јт/аб/
Фото: МИА архива