• среда, 20 ноември 2024

Најавени реформи во системот за менаџирање со кризи преку одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и ЦУК

Најавени реформи во системот за менаџирање со кризи преку одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и ЦУК

Скопје, 13 август 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека на денешната седница на Владата е донесена одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи со цел поефикасно функционирање на системот за справување со кризи.

Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот денеска изјави дека е неопходна реформа во системот за менаџирање со кризи.

- Прв чекор што направивме е донесовме одлука да ДЗС и ЦУК да отпочнат процес на фузионирање, оптимирање прво на кадарот, а второ да имаме една институција која во услови на кризен менаџмент ќе знае како да делува по определени протоколи, рече премиерот по денешната посета на започнувањето на градежни активности за доградба на објектот Изворче во детската градинка Срничка во Аеродром.

Тој посочи дека реформите ќе бидат направени откако ќе се изборат со огнената стихија. 

- Ќе седнеме и озбилно ќе се занимаваме со оваа тема за в година ова да не ни се случи, рече премиерот Мицкоски.

Информираше дека на владината седница одобриле повеќе средства за ЦУК и ДЗС кои се потребни за справување со пожарите.

Премиерот се осврна и на ситуацијата со пожарите при што посочи дека се соочиле со состојба да немаат летала да се справуваат со огнената стихија, додека, во меѓувреме, и пилотите се во пензија.

- Немавме летала за да се справуваме со пожарите со кои што почнаа на 10 јули, освен тоа, пилотите беа во пензија. Армиските полициски хеликоптери беа на сервис. Практично, ние голораки, заедно со пожарникарите, припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, со доброволците се бориме дневно со повеќе од 40 огнени стихии, секој ден, на целата територија на државава, рече тој, заблагодарувајќи им се на сите кои што учествуваат во гаснењето на пожарите. ар/ац/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан