Тутунот се откупува, но со послаб интензитет
- Се уште се чека на зголемување на динамиката на откупот на тутунот кој започна вчера воздржано и од откупните компании и од тутунопроизводителите, посебно во Прилепскиот регион.
Прилеп, 20 ноември 2024 (МИА) - Се уште се чека на зголемување на динамиката на откупот на тутунот кој започна вчера воздржано и од откупните компании и од тутунопроизводителите, посебно во Прилепскиот регион.
Според Сојузот на тутунските здруженија, од предвидените 305 откупни ваги во земјава денеска се отворени само 33 на три компании: „Сокотаб“, „Кавекс“ и на компанијата „Пашоски“ која денеска отвори 14 откупни ваги во земјава.
-Вчера се откупуваше тутун на неколку ваги, и тоа во Пелагонискиот и Источниот регион. Тутунарите се уште се премислуваат да го донесат родот на откуп. Денешниот ден доби одредена динамика зашто и трета компанија ги отвори пунктовите за откуп, но се уште се чека другите откупувачи да почнат со преземање на родот од годинашнава реколта, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија.
Според податоците од Сојузот, кој има поставено повереници на откупните места, во текот на вчерашниот прв ден се откупени повеќе од 15 тони тутун и сите во прва класа од 375 денари.
-За текот на откупот две компании не известија дека ќе почнат да преземаат тутун од понеделник. Компаниите треба да не известат пет дена пред да ги отворат пунктовите за да поставиме повереници што ќе го следат откупот, вели Ристески.
Од Државниот земјоделски инспекторат информираат дека во текот на утрешниот ден ќе ги имаат првичните официјални информации колку тутун овие два дена е откупен. Во земјава се регистрирани 10 откупни фирми. Според законот, откупот мора да почне до 15 декември.
Тутунарите остануваат на ставот за поголема цена на тутунот, во просек да биде 420 денари за килограм. Годинашнава реколта тутун се проценува на околу 17000 тони.ем/вј/
Фото: МИА