Учесниците од проектот „Птици“ ќе постават куќички за птици во Зоолошката градина
- Во рамки на последниот ден од еколошкиот проект „Птици“, којшто Националната галерија изминатиов период го реализираше во соработка со Зоолошката градина Скопје и Машинскиот факултет отсек Индустриски дизајн и училиштата, учесниците денеска на различни локации во Зоолошката градина ќе постават куќички за птици.
Скопје, 7 април 2023 (МИА) - Во рамки на последниот ден од еколошкиот проект „Птици“, којшто Националната галерија изминатиов период го реализираше во соработка со Зоолошката градина Скопје и Машинскиот факултет отсек Индустриски дизајн и училиштата, учесниците денеска на различни локации во Зоолошката градина ќе постават куќички за птици.
Со проектот „Птици“, која започна на 21 март, традиционално се одбележува Меѓународниот ден на аутизмот.
Учествуваа деца од различни училишта и различна возраст, деца од редовна настава и деца со попреченост поточно учениците од ОУ „Невена Георгиева Дуња“, средното училиште „Цветан Димов“, „Св. Наум Охридски“ и студентите од Машинскиот факултет отсек Индустриски дизајн.
-Проектот „Птици“ го започнавме на првиот ден од пролетта со посета на Зоолошката градина, каде што се запознавме со различните видови птици, нивните специфики, местата од каде што потекнуваат и со сето она што ги карактеризира. Инспирирани од нивните живеалишта, посакавме да направиме и ние куќички во кои големиот број врапчиња и славејчиња ќе може да се засолнат и да се чувствуваат заштитено. Благодарение на студентите од Машинскиот факултет – Скопје, отсек Индустриски дизајн, кои ги изработија куќичките, Децата имаа несекојдневно искуство – куќичките од делови да ги состават и да ги декорираат со еколошки материјали. Беа користени материјали од природата, шишарки, семки, цвеќиња, кора од дрва, струготини, соопштија од Национална галерија.
Проектот, како што информираат, прво започнал со прошетка во Зоолошката градината, а потоа со работилница за изработка на куќичките во Чифте амам.
-Децата имаа задача од веќе подготвени делови ги состават куќичките,а потоа истите да ги декорираат. Се користеа исклучиво еко материјали како живеалиштата би биле комплетно природни за птиците. Во рамки на настан под наслов „Тука сме, заедно сме, а можеме повеќе“ ќе биде презентиран самиот еколошки проект со училиштето домаќин Св. Наум Охридски“, со кои, ние како институција, имаме долгогодишна соработка. На крајот, на 7 април, сите учесници во Зоолошката градина ќе ги поставиме куќичките за користење на различните видови птици, додаваат од Национална галерија.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.бт/бак/
Фото/ Национална галерија