Промоција на монографијата за Заре Лазаревски, творецот на СКИ - центарот Маврово
- Монографија „Приказна за големиот визионер, креатор и градител Заре Лазревски, Ски-центарот и Маврово“ вечер ќе биде промовирана во ресторанот Воденица.
Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Монографија „Приказна за големиот визионер, креатор и градител Заре Лазревски, Ски-центарот и Маврово“ вечер ќе биде промовирана во ресторанот Воденица.
По повод 100 годишнината од раѓањето на Заре Лазаревски, за неговата животна определба Маврово да го направи признат и познат регионален ски и туристички центар, ќе зборуваат авторите Јасмина Миронски и Бранко Станчевски, како и членови на најблиското семејство.
Монографија, како што наведуваат авторите, е направена во спомен на еден човек кој несебично се посвети на изградба и преродба на својот роден крај кој неизмерно го сакаше.
Монографијата содржи автентични материјали, сеќавања и разговори со неговите соработници, поддржувачи и финансиери на подвигот, како и колегите од Јавното обвинителство каде што го помина најголемиот дел од својот работен век како заменик јавен обвинител.
Воедно монографијата изобилува со вредни фотографии кои сведочат за едно друго време кога имаше луѓе каков што беше Заре Лазаревски – ентузијасти, од ништо да направат многу, само од желба да помогнат и изградат нешто што ќе остане за доброто на сите.
Лазаревски иако со исклучителна општествена кариера целосно се посветил како Маврово и крајот богат со природни убавини, но запустен и испустен, особено по Втората светска војна, да го возобнови.
Тој бил голем визионер, харизматичен и авторитетен, кој успеа невозможното да го направи возможно и по три децении работа Маврово да го претвори во познат туристички центар не само во земјава туку и во целиот регион.
Лазаревски остави зад себе едно капитално животно дело: две жичарници, 9 ски- лифтови поврзани согласно европските скијачки патеки за слалом, велеслалом, спуст, како и бројни сместувачки објекти со целосно изградена инфраструктура.
Оттаму, несомнено е дека Заре Лазаревски и Скијачкиот центар – Маврово се синоним за една неделива целина. дма/лв/
Фото: МИА архива