• вторник, 24 декември 2024

Национален натпревар FIRST LEGO лига во Штип

Национален натпревар FIRST LEGO лига во Штип

Штип, 1 април 2023 (МИА) -  Во организација на „Академија за роботика и иновации“ и Универзитетот Гоце Делчев - Штип преку Факултет за информатика, денеска во Универзитетот во Штип ќе се одржи националниот натпревар FIRST LEGO лига.

На настанот, како што информираат од УГД - Штип, ќе присуствуваат над 100 учесници, нивни ментори и родители, а говор ќе одржат претставници од „Академија за роботика и иновации“, Универзитетот „Гоце Делчев”, општината на град Штип, како и од Оперативниот партнер на FLL од Република Грција.

FIRST LEGO лигата е меѓународна мултидисциплинарна истражувачка програма застапена во над 100 земји а во која учествуваат над 600.000 деца и млади од целиот свет кои работат заедно со нивните ментори. Воедно, ги инспирира да истражуваат во STEM областите, како што се науката, технологијата и инженерството, да решаваат реални проблеми преку изработка на реални проекти и да создадат подобра иднина за себе и за другите. За таа цел, во целокупното времетраење на подготовките, учесниците се стекнуваат со вештини и способности неопходни за животот на 21 век, вклучувајќи ја креативноста, љубопитноста, критичкото и претприемничкото размислување, тимскиот дух, емпатија, самодоверба, комуникација и почит.

Оваа година, тимовите ќе работат на денешните глобални предизвици поврзани со Целите за одржлив развој на Обединетите нации, со фокус кон обезбедување на прифатлива, сигурна, одржлива и модерна ЕНЕРГИЈА за сите.

Учесниците ќе треба да идентификуваат проблем со кој се соочуваат луѓето, да предложат решение преку создавање на иновативен проект, да покажат меѓусебна почит и да ги презентираат основните човечки вештини кои се неопходни за постигнување на оваа заедничка цел.

Дополнително, тимовите треба да дизајнираат, изградат и испрограмираат робот со користење на LEGO MINDSTORMS или LEGO SPIKE PRIME технологијата и да се натпреваруваат со другите тимови од нашата земја. Тимот кој ќе обезбеди најдобри резултати во сите категории ќе има можност да ја претставува Република Северна Македонија на светското првенство кое оваа година ќе се одржи во Мароко, од 18 до 21 мај годинава. дма/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан