• петок, 26 јули 2024

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на средба со граѓаните во Прилеп

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на средба со граѓаните во Прилеп

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) денеска ќе одржи отворена средба со граѓаните, претставниците на граѓанскиот сектор и на локалните институции во салата на градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп.

На овие отворени средби, кои се реализираат со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, присутните граѓани ќе имаат можност, преку директна комуникација со членови и вработени во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, да се запознаат со надлежностите и начинот на работа на ова независно институционално тело задолжено за промоција на еднаквоста, унапредување на човековите права и спречување и заштита од секаков вид дискриминација.

Од КСЗД посочуваат дека овие средби воедно нудат дополнителна можност за продлабочување на соработката со граѓанскиот сектор и институциите на локално ниво, заради навремено препознавање на сите облици на дискриминација, како и унапредување на меѓусебната комуникација и соработка, со цел за нејзино ефикасно сузбивање.

-Исклучително сме задоволни од одзивот и интересот што го покажаа граѓаните, организациите и локалните институции кои зедоа учество во досегашните отворени средби што ги организиравме во неколку општини. Тие ни покажаа дека постои навистина голема потреба, преку ваквиот вид отворена, директна комуникација, да ги охрабриме граѓаните и да им објасниме како да препознаат и пријават различни облици на дискриминација, што секако е првиот чекор кон нивното ефикасно спречување и искоренување, велат од КСЗД.

Покрај заштитната улога и постапување по претставки од граѓаните, како и по службена должност, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има и превентивна улога, која ја спроведува преку едукација и соработка со граѓански организации, државни институции и институции на локално ниво.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утре ќе одржи отворена средба со граѓаните, претставниците на граѓанскиот сектор и на локалните институции во салата на Советот на Општина Шуто Оризари, а во текот на следниот месец планирано е одржување на уште два вакви настани. дма/са/

Фото: Комисија за спречување и заштита од дискриминација

Остани поврзан