• понеделник, 22 јули 2024

Изложба „Чемерски: Низ цртеж, отпосле" во МКЦ

Изложба „Чемерски: Низ цртеж, отпосле

Скопје, 24 јуни 2024 (МИА) - Изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле" на реномираниот македонски уметник и академик Глигор Чемерски ќе биде отворена вечерва во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.

Изложбата е во организација на Галерија ГРАЛ и Младинскиот културен центар во Скопје. Куратор на изложбата е Елена Чемерска. 

- Во текот на 1980-тите и на почетокот на 1990-тите, Чемерски често престојуваше во Париз, каде што беше застапуван од галеријата Galerie du Fleuve (1983 - 2003). Постојано присутен на тамошната ликовна сцена, во тој период Чемерски реализираше повеќе изложби во таа галерија. Најголем дел од цртежите и гвашевите претставени на оваа изложба се неизложувани дела, интимни формати од колекцијата на Galerie du Fleuve, создадени во тој период, велат организаторите на изложбата.

Чемерски (1940- 2016, Кавадарци, Македонија) е сликар, графичар, мозаичар. Еден од најплодните македонски модерни автори, неговите дела се застапени во голем број на галерии и музеи во земјата и надвор од неа. Добитник е на голем број на награди и признанија. Работел и како ликовен есеист и критичар, телевизиски уредник, сценограф и костимограф. Автор е и на повеќе монументални дела: „Топла Земја“ (1971, фреска, Стопанска Банка, Скопје), „Човекот и светлината“ (1975, мозаик, ХЕЦ Вруток) „Споменик на слободата“ (1981, меморијален мозаички комплекс, Кочани), „Македонија- светла земја“ и „Македонија - земјата памети“ (2006, мозаици, Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија, Скопје) итн. Живеел и работел на релација Скопје – Беград - Париз. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Europe House- Скопје. дма/бак/

Фото: Плакат

Остани поврзан