• вторник, 24 декември 2024

„Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура до 16 јуни

„Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура до 16 јуни

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Со промоција на поемата „Коњски житија“ на поетот, преведувач и универзитетски професор Зоран Анчевски, вечерва во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје ќе почне првото издание на новиот Фестивал за литература и општа култура „Видик“.

Фестивалот е во организација на „Литература.мк“ и ќе трае до 16 јуни оваа година. Промотор на „Коњски житија“ ќе биде Венко Андоновски, а настанот ќе го модерира Оливера Ќорвезироска, а ќе се одржи и концерт на скопскиот состав „Акварела“ (Aquarela).

На вториот фестивалски ден, 17 мај, концерт ќе одржи џез-музичарот Михаил Мишко Парушев со својот состав „Парусион груп“.

Програмата на „Видик“ продолжува во понеделник, 20 мај, со промоција на хибридно-инклузивната сликовница на кирилско писмо и на Брајова азбука „Шарени ириси“, со текст на Јована Матевска Атанасова и илустрации на Симонида Филипова Китановска. Настанот ќе биде проследен со изложба на слики од уметницата Филипова Китановска. Следниот ден, 21 мај, е закажана промоцијата на збирката раскази „Атакама“ од црногорскиот автор Никола Николиќ. Промоторка на книгата ќе биде писателката Румена Бужаровска, а ќе модерира Оливера Ќорвезироска.

Како што најавија организаторите, во среда, ќе се одржи тематскиот интерактивен настан за фанови, „Враќањето на Шерлок Холмс“. На настанот, организиран во чест на денот на раѓањето на сер Артур Конан Дојл, автор на серијалот за славниот детектив Шерлок Холмс, ќе биде претставена едицијата „Шерлок Холмс“ во издание на „Арс Ламина“, која содржи девет новопреведени наслови кои имаат нов дизајн на корици од илустраторката Александра Софрониевска. Исто така, ќе биде претставен и серијалот „Шерлок Холмс за деца“ – со десет книги за генијалниот детектив, адаптирани за најмладите читатели.

Битолскиот стендап-комичар Марјан Георгиевски, на 23 мај, четврток, ќе ја изведе својата монодрама „Железно небо“.

Во чест на Денот на сесловенските просветители – св. Кирил и Методиј, на 24 мај, петок, ќе се одржи настанот „Џез на кирилица“, со еден од најнадежните македонски џез-состави „Мојра“.

На 29 мај, среда, ќе се одржи интерактивниот концерт и работилница за деца со „Фамилија Металковци“, а следниот ден ќе се одржи изложба инспирирана од проектот „Порта Европа“. На 31 мај публиката ќе ужива во концертот на гитарскиот виртуоз Мухамед Ибрахими.

Како што е најавено, следната недела ќе почне со изложба со илустрации од најубавите книги за деца, која ќе биде отворена на 3 јуни во „Литература.мк“ во „Ист гејт“, и ќе биде посетавена сѐ до 16 јуни. Два дена подоцна, 5 јуни, во книжарницата во „Дајмонд мол“, ќе биде одиграна претставата „Пингвинот“, со Лео Поповиќ во главната улога. 

За следниот ден, 6 јуни, е закажана промоција на серијалот сликовници од младата авторка Маја Мишевска, кои се илустрирани од познатиот илустратор Тхе Мичо. На 10 јуни ќе се одржи соул-вечер со проекција на документарец и настап на диџеј Дарко Марковски. На 12 јуни ќе биде одиграна комедијата „Торонто експрес“.

Ден подоцна, 13 јуни, ќе се одржи поетско читање со Никола Маџиров и пријателите, на кое ќе биде претставена најновата збирка во издание на „Арс Ламина“, што го содржи целокупното поетско творештво на еден од најпознатите и најпреведуваните македонски поети во светот. 

На 14 јуни ќе се одржи изведба на музичарот и диригент Џијан Емин со групата „Шлиц“ (Schlitz).бт/

Фото: плакат

Остани поврзан