• понеделник, 23 декември 2024

Начинот на воведување на таксата за СО2 емисии, тема на состанок на Експертската мисија TAIEX во Скопје

Начинот на воведување на таксата за СО2 емисии, тема на состанок на Експертската мисија TAIEX во Скопје

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Имплементирање на пакетот за чиста енергија и на пакетот за интеграција на пазарите на електрична енергија кои се однесуваат пред се на поврзување на пазарите на електрична енергија во земји членки на ЕУ и во земји коишто не се членки на ЕУ, е тема на разговор на денешниот состанок во Скопје на Експертската мисија TAIEX за транспонирање на законодавството на ЕУ за електрична енергија, чиј коорганизатор е Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

-Во рамките на Балкан енерџи скул, којшто е основан од регулатори од Балканот вклучувајќи ја и РКЕ на Македонија, денеска имаме чест да ни ги презентираат искуствата во земјите членки, пред се во Италија и Грција, Тоа ни претставува особена чест и задоволство, имајќи во предвид дека Македонија уште со министерката одлука кон крајот на 2022 година презема обврски овој пакет за чиста енергија и пакетот за интеграција на пазарите на електрична енергија да ги имплементира во текот на 2023 и почетокот на 2024 година. Ќе ни биде битно да ги видиме овие искуства и особено искуството кое што ќе се однесува на т.н. начин на воведување на таксата за СО2 емисии, изјави Бислимоски на паузата на состанокот. 

Нагласи дека земјите од регионот имаат обврска да го имплементираат воведувањето на таксата за СО2 емисии од 1 јануари 2026 година. 

-Во изминатиот период имавме комуникации со регулаторните тела од аспект на цена и со министерствата за енергетика. Сметам дека воведувањето на оваа такса за СО2 е сериозна реформа и треба да се направат анализи дали воопшто е потребно така драстично да започне од 1 јануари 2026 за нашиот регион, имајќи во предвид дека домашното производство на електрична енергија и во Македонија, и во БиХ, и во Србија, и во Косово и во Црна Гора се базира пред се на термоелектраните. Тоа би претставувало сериозен притисок врз самите економии, рече Бислимоски.

Нагласи дека имаме речиси повеќе од една година за отворено со анализи да дискутираме со претставниците на ЕУ за начинот кога и како да ги применат овие обврски земјите коишто се од регионот. 

-Сметам дека не треба, но доколку се реши да се примени од 1 јануари 2026 година тогаш ќе ни треба сериозна финансиска инјекција од страна на Европската комисија (ЕК) на ист начин како што се третирани земјите членки на ЕУ, потенцира Бислимоски.

Посочи дека има два пристапа за имплементација на таксата за СО2.

-Првиот пристап е директно да се имплементира на цената на електричната енергија произведена од термоелектраните, тоа е некаде 60-70 евра за мегават час, а вториот пристап е на секој производ од Македонија којшто ќе се извезува во земја членка на ЕУ да се воведе дополнителна такса. Сметам дека сите земји од регионот направиле многу за да го имплементираат европското законодавство и во одреден дел на имплементација тоа навистина не чинело и финансиски средства, така што, ова сега е нешто од финансиски аспект што може многу да им направи проблеми и да ги изложи на дополнителни трошоци. Затоа сметам дека треба отворено да разговараме и доколку се реши да почне од 1 јануари 2026 година да добиеме финансиска помош од страна на ЕК како што го имаат тоа право сите земји членки на ЕУ, порача Бислимоски.

Додаде дека финансиската помош треба да биде различна за секоја земја и да зависи од трошоците за СО2 такси.

-Факт е дека ние во Македонија влеговме сериозно во зелена транзиција, покажуваме резултати, до крајот на годината верувам дека ќе имаме нови инсталирани помеѓу 950 и 1.000 мегавати обновливи извори од енергија. Покрај тоа, трите блока во РЕК Битола реално иако имаат вкупен капацитет од 700 мегавати работат со капацитет од 450 до 480 мегавати што значи дека де факто како еден блок да ни е затворен. Исто така, термоелектраната Осломеј повеќе не работи отколку што работи, така што ние сме на добар пат, но ќе треба да се обезбедат и финансии и начини оваа базна енергија што ќе ја изгубиме од термоелектраните како да ја замениме со друга базна енергија, појасни Бислимоски. 

Базна енергија, посочи, може да ни дадат когенеративни постројки коишто произведуваат и електрична енергија и топлинска енергија или, пак, изградба на големи хидроелектрани, но за тоа треба време. 

-Сигурен сум дека и ЕУ ќе го препознае напредокот којшто го прави и Македонија, но и земјите од регионот во однос на оваа зелена транзиција, рече Бислимоски.вј/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан