• среда, 04 декември 2024

Националниот совет на инвалидските организации бара стабилно финансирање за непречено функционирање

Националниот совет на инвалидските организации бара стабилно финансирање за  непречено функционирање

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - Националниот совет на инвалидските организации на Северна Македонија (НСИОСМ) соопшти дека се соочува со неколкумесечен престанок на финансирање на нивните организации, „а со самото тоа и на пролонгирање и откажување на одредени зацртани активности“. 

Наместо работилница по повод  Меѓународниот ден на лицата со инвалидност 3 Декември, како во минатите години, оттаму велат дека денеска организирале настан за да ги претстават  проблемите со финансирањето. 

Советот информира дека преговорите со ресорното Министерство за социјална политика, демографија и млади за подобрување на состојбата резултирале со делумно одблокирање на спроведувањето на Договорот за распределување на доделените средства за 2024 година, потпишан согласно Одлуката за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри во 2024 година, за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст на Република Македонија. 

- Само што помисливме дека работите се стабилизираа и тргнаа на подобро, загрижени и обесхрабрени сме со информацијата дека со новиот Буџет за 2025 година, средствата за реализирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст на Република Македонија, се намалуваат од годинашните 80 милиони денари, на 60 милиони денари, што претставува враќање на позиција на финансирање од пред 10 години, со што се нарушува не само функционирањето, туку и опстанокот на националните инвалидски организации, нивните здруженија и НСИОСМ - нивната кровна организација, се наведува во реакцијата. 

Појаснува дека по бараниот прием и дијалог со надлежните за да им се обезбеди стабилно финансирање, добиле ветување дека со ребалансот на Буџетот за 2025 година проблемот ќе биде надминат.

НСИОСМ очекува ветувањето да биде исполнето, наведувајќи дека „мора да создадат адекватни услови за непречено и независно финансирање и делување на овие репрезентативни организации во интерес на самите лица со инвалидност“. 

-Сакаме да веруваме дека даденото ветување од страна на институциите за корекција на буџетската ставка и зголемување на средствата за функционирање на нашите организации ќе биде реализирано со ребалансот на Буџетот за 2025 година кон средината на следната година, а во меѓувреме како вистински партнери ќе сториме се за да ги адаптираме нашите програми со делумно пролонгирање на одржувањето на одредени традиционални настани, тематски работилници и кампањи, соопшти Националниот совет на инвалидските организации на Северна Македонија - организација во која се здружени повеќе од 90 000 лица со најразличен вид и степен на инвалидност застапувани преку националните сојузи, здружени во 136 општински, меѓуопштински и градски здруженија. хс/лв/

Фото: Национален совет на инвалидските организации на Северна Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан