• среда, 12 февруари 2025

Научно-стручен собир: Еногастрономијата е движечка сила на туризмот, потребна правилна поддршка и инвестирање во инфраструктурата, образованието и маркетингот

Научно-стручен собир: Еногастрономијата е движечка сила на туризмот, потребна правилна поддршка и инвестирање во инфраструктурата, образованието и маркетингот

Скопје, 12 февруари 2025 (МИА) - Еногастрономијата не е само уметност на вкусовите, туку и мост што ги поврзува традицијата и современоста, локалното и глобалното. Со инвестирање во инфраструктурата, образованието и маркетингот, државата може да стане регионален лидер во еногастрономската индустрија. Еногастрономскиот туризам има потенцијал и претставува клучен фактор за стимулирање на локалните економии, што е особено важно за една мала и отворена економија како нашата држава, посочија говорниците денеска во Скопје, за време на научно-стручниот собир посветен на развојот на туризмот во државата.

Научно-стручниот собир е во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во своето обраќање денеска на настанот подвлече дека гастрономијата и винската индустрија претставуваат едни од најважните културни и економски сектори на нашата земја, кои со своето богатство и разновидност нудат задоволство на вкусот, но и многубројни можности за развој на туризмот и за промоција на нашиот уникатен идентитет.

Како што посочи еногастрономијата е движечка сила на туризмот, симбол на гостопримството и силен економски ресурс.

Тој е на ставот дека ако сакаме да ја позиционираме државата како врвна туристичка дестинација, ние, едноставно, мора да ја истакнеме нејзината еногастрономска аура – како нејзин белег, како нејзина предност, како нејзина порака до светот.

-Гастрономијата и винската индустрија во Македонија имаат голем потенцијал за понатамошен развој. Со правилна поддршка и инвестирање во инфраструктурата, образованието и маркетингот, Македонија може да стане регионален лидер во еногастрономската индустрија. Развојот на туризмот заснован врз локалните гастрономски и вински ресурси ќе обезбеди нови работни места и ќе ја зголеми видливоста на Македонија како дестинација за висококвалитетен туризам, истакна Љутков.

За да ги реализираме овие потенцијали, како што подвлече, потребно е сите чинители – од земјоделците и винопроизводителите до рестораните и туристичките агенции – да работат заедно, на создавање брендови кои на најдобар начин ќе говорат за нас на пребирливата, светска, еногастрономска сцена.

-Повикувам на интензивна соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор, како и за понатамошна едукација и промоција на македонската кујна и вино. Само така ќе успееме да го откриеме вистинскиот потенцијал на нашата земја и да се поставиме како важен играч во глобалниот еногастрономски свет, додаде Љутков.

Деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, проф. д-р Татјана Бошков на денешниот научно-стручен собир информираше дека Светската туристичка организација го гледа туризмот како најдобриот работодавач на младите, бидејќи над 50 проценти од неговите работници се на возраст од 25 години, а се предвидува до 2030 година да се бараат околу 900 илјади работни места во областа на туризмот.

-Сето ова покажува дека сите сме подеднакво важни, подеднакво одговорни секој во својот домен, да придонесе да креираме идеи, од кои што ќе произлезат предлози за ангажирање на младата сила насекаде низ државата, и сето тоа во насока на зголемување на продуктивноста, подвлече проф. д-р Бошков.

Таа рече дека гастрономијата и винскиот туризам претставуваат можност за ревитализација и диверзификација на туризмот, промовирање на локалниот економски развој, вклучување на различни сектори и внесување на нови намени во примарниот сектор.

-Свесни сме дека наследството, раскажувањето приказни и автентичноста се важни концепти за интеракцијата со туристите кои ја откриваат винската култура, дегустираат храна и истовремено уживаат во природното и културното наследство на регионот. Ваквата идентификација на храната и виното како суштински привлекувачи на туристите е формула за подобрување на имиџот на брендот на виното, на имиџот на дестинацијата, би кажала уметноста на гостопримството што влијае на задоволството на туристот, рече проф. д-р Бошков.

Како што посочи, според најновите истражувања, во текот на следните 70 години, до 2095 година, туристите ќе бидат подготвени да потрошат повеќе време и пари на уникатни искуства со храна и пијалоци, а акцентот ќе биде ставен на дизајнирање на туристичкото искуство засновано на автентичност, висока креативност, предизвици за социјалните медиуми и одржливост.

-Токму преку ваквите формати, сметам дека успешно ќе го поврземе образованието на секое ниво, кое што е усогласено со современите барања на економијата и општеството. Индустријата има потреба од чинители кои ќе ја промовираат иновативната основа на ресурсите за туризмот и угостителството, рече проф. д-р Бошков.

Таа потенцира дека ефектите од реформите во образованието и туризмот отвораат можност за подобрување и продлабочување на дебата во поглед на економската благосостојба. Како што напомена, еногастрономскиот туризам е со огромен потенцијал и претставува клучен фактор за стимулирање на локалните економии, што е особено важно за една мала и отворена економија како нашата држава.

-Сметам дека просторот е отворен за интензивирање на домашната конкуренција, чиј резултат ќе биде зголемување на нашата извозна конкурентност. Затоа, од особено значење е винската трговија, која што де факто служи како стратегија, како стратешка опција за раст, особено бидејќи глобалната трговија со вино се развива динамично, притоа имајќи во предвид дека земјоделските производи сочинуваат повеќе од една петина од светската трговија. Сведоци сме дека глобалната трговија го храни светот и винската економија. Најпродуктивните фирми во една економија се занимаваат со извозна активност и ја потенцираат важноста на извозните перформанси, што е особено клучно за една мала и отворена економија како Македонија, рече проф. д-р Бошков.

Таа подвлече дека степенот на конкуренција на домашниот пазар е клучната терминанта, но она на кое што треба да се работи е проконкурентна регулација на пазарот, што дефинитивно ќе ја промовира уште повеќе извозната конкурентност. бт/дма/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан